Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево активно се подготвува за натпреварот „Млади библиотекари”. За таа цел, од библиотеката ги повикаа сите заинтересирани кои сакаат да учестуваат да се пријават, а прирачникот за подготовка можат да го подигнат од библиотеката секој работен ден.

-Прирачникот од кој се подготвуваат прашањата за натпреварот е од авторите Благој Н.Николов, Гордана Пешева и Дијана Кирова. Во Делчево општинскиот натпревар е закажан за 11 април оваа година, а победниците на општинскиот натпревар се стекнуваат со право на учество на државниот, истакнаа од библиотеката. Право на учество на општинскиот натпревар имаат учениците од основните училишта во градот. Државниот натпревар „Млади библиотекари“, годинава ќе се одржи во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид на 6 мај 2022 година, а организатор е Библиотекарското здружение на Македонија.