Во рамки на тековното работење на Музејот на град Неготино, во тек е документацијата на движниот археолошки материјал и на предметите од доцноантичкиот и рановизантискиот период – тегови или ексагии пронајдени на археолошки локалитети во општина Неготино.
Директорката на Музејот, Драгица Чекорова појасни за МИА дека документирањето се работи и за публикување на овој движен археолошки материјал, а во натамошниот период, ако има услови, исто така и за изложба на предметите.
Во документирањето, покрај стручниот тим од Музејот на Неготино, учествуваат и надворешни соработници.
Чекорова нагласи дека ова е само дел од активностите околу богатото археолошко и културно наследство во Неготино.