До редакцијата на Макпресс пристигна демант од страна на директорот на ОУ Лазо Ангеловски, Перо Арсеновски, во врска со текстот пренесен на нашиот медиум дека новиот градоначалник на Аеродром Тимчо Муцунски побарал разрешување на Арсеновски, за кој во јавноста беа пласирани информации дека сексуално вознемирувал вработени.
Во продолжение го пренесуваме демантот на Арсеновски, во целост и без никакви интервенции. Воедно, со демантот се доставени и неколку потвди и судски решенија.
Интегрален текст од демантот на Перо Арсеновски.
Во изминатите денови во јавноста изнесовте премногу невистинити содржини во врска со мене и училиштето ООУ Лазо Ангеловски. Помпезните содржини воопшто не соодвестуваат на вистината. Информациите кои сте ги добиле се резултат на една конструирана приказна со политичка позадина. Не постојат пријави, ниту пак имам скандалозно досие со напади и вознемирување на вработени и мајки на ученици. Една единствена пријава за која се води постапка е онаа на поранешна вработена во училиштето чие Решение од Основниот суд со кое се изречени времени мерки е укинато од страна на Апелациониот суд Скопје. Зошто благодарение на конструираните информации кои потекнуваат од оваа особа, а со цел да таа го прикрие својот неморал, Вие предвремено ad hominem ме нападнавте и инквизициски ме линчувавте притоа сериозно загрозувајќи го мојот личен углед!?
Потенцирам дека со Решение на Апелациониот суд е укинато Решението за времените мерки на првостепениот суд. Други пријави на вработени и мајки на ученици против мене нема, оттука неосновани се Вашите обвинувања во вашите објави.Објавите во сите ваши претходни статии како и емисиите на КОД во кои известувате за експлицитни фотографии на вработена со кои ме поврзувавте, се докажа дека истата сама се фотографирала и изнела во јавност невистините информации за наводни непристојни предлози, закани притисоци, мобинг и омаловажувања. Против истата оваа особа се водат постапки под основано сомнение за сторено кривично дело- затајување и за стекната противправна имотна корист на парични средства од колективно осигурување на ученици. Зарем од ваков тип на личност очекувате кредибилни информации!?Во прилог на овој демант Ви доставувам записник за извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Државен просветен инспекторат од кој се утврдува дека не се констатирани неправилности на моето работење, ниту пак дека е извршен мобинг или било каков вид на психофизичко вознемирување, па ниту од подносителот на иницијативата. Исто така доставувам и потврди од казнена,кривична, прекршочна евиденција како и потврда дека не ми е изречена санкција, забрана за вршење професија, дејност или должност.
И покрај тоа што градоначалникот на Општина Аеродром е запознаен со судската одлука и потврдите од надлжените институции кои лично му ги доставив, сепак во јавноста даде информација дека немало да ме именува за директор, како и побарал мое разрешување од правни, етички и морални причини.
Демантирам дека тој лично побарал мое итно разрешување, бидејќи до Училишниот одбор тој достави Известување со прилог- Иницијатива од истата конфликтна личност која се претставува како жртва на семејно насилство. Согласно одредбите од Законот за основно образование не е исполнет ниту еден услов за мое разрешување за што Училишниот одбор при директен увид во доказите кои ја отсликуваат фактичката состојба донесе Одлука со која ја одби Иницијативата поднесена од поранешна вработена како неоснована. Согласно одредбите од истиот Закон ги исполнувам условите за добивање на нов мандат како директор на училиштето. Оттука, нејасни се правните причини на Градоначалникот за кои ја информираше јавноста.
Зошто Градоначалникот и медиумите во ниту еден момент не заземаа афирмативен став за она што е направено во училиштето за време на мојот мандат? За тоа како се реализира училишната програма и едукативен процес за тоа како вработените учествуваат на разни семинари за едукативни програми и усовршување, за тоа како бившите ученици во ова училиште добиваат суштински предзнаења и се едни од најквалитетните средношколци на ниво на град Скопје, за новоизградениот објект и намалувањето на сменското работење кое претходно беше во три смени?!
Со почит, Перо Арсеновски