Во Домот на културата „Кочо Рацин“ денеска напладне ќе се одржи поетски настан, на кој ќе бидат прочитани најдобрите песни од овогодишниот поетски конкурс „Маџирмаалски поетски бранувања“. Поетскиот конкурс по четврти пат се реализира во рамки на традиционалната културна манифестација „Маџирмаалски средби“.

Со почитување на пропозициите на конкурсот, како што посочи претседателот на Комисијата на „Маџирмаалски поетски бранувања“, Владимир Илиевски, направена е селекција на најдобрите песни, при што е донесена одлуката главната награда за 2021 година да и се додели на Сузана Ѓоргиеска за песната „Читајќи го Данило Коцевски“.

Двете придружни награди им се доделуваат на Будимирка Поповска за песната „Маџирмаало, љубов моја“ и на Белинда Шипковска Гаштарова за песната „Прашања без одговор“.

– На конкурсот пристигнаа задоволителен број квалитетни поетски дела. Од една страна, во секоја од нив јасно е присутен мотивот на Маџир маало, а од друга страна, во песните се препознаваат посебни јазични и поетични елементи како индивидуални поетски обележја, соопшти Илиевски.

Во рамки на утрешниот настан, во истиот простор, присутните ќе можат на уживаат и во изложените ликовни дела на Маџирмаалската ликовна галерија.