Речиси се завршени дел од активностите за првите 82 дена, максимално се посветивме на расчистување на дивите депонии. Во периодот на изборниот процес успеавме да детектираме 120 диви депонии. Започнавме со чистење на секоја од нив и до овој момент имаме речиси целосно санирање на сите во соработка со дел од градоначалниците, но и со нашите можности кои ги имаме на располагање на градот, изјави градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на денешната средба со новинарите.

Таа нагласи дека тоа нема да биде само чистење, ќе се направи ограда и ќе има инспекциски служби кои што ќе работат во три смени за да се превенира, како и дека неселективно ќе се казнува доколку се забележи повторно фрлање смет на исчистените места.

– Неселективно ќе биде постапувано за сите оние кои што го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните. Службите на градот креираат системско решение кои понатаму ќе биде следено и ќе опфаќа не само следење со дрон на овие депонии кои што веќе ги исчистивме, туку да може да се следи системски и да не се креираат нови депонии, да се работи активно на дојави од граѓани за да може сето она што се случува да се санира итно и пред се да се превенира, да не дозволиме да се повтори, односно да немаме рецидиви по тој однос затоа што навистина верувам да се покрене свеста во аспект на тоа дека треба секој човек да знае колку е опасно тоа по неговиот живот и животот на нашите деца и луѓе кои тука живеат, рече таа.

Градоначалничката најави претоварни станици за шут и отпад и планира депонијата Вардариште да се затвори, а граѓаните ќе има каде да одлагаат отпад. Таа рече дека не смее да се дозволи било каков отпад во населбите.

Арсовска рече дека откако е дојдена на функцијата постојано е мета на закани од одредени луѓе, кои и се закануваат за да им бидат простени и аминувани криминали и злоупотреби кои ги правеле во изминатиов период. На прашањето дали заканите ги пријавила во полиција таа одговори: „Каде да пријавам? Таму каде што треба да пријавам јас сум си пријавила. Ако треба да пријавувам закани, секој ден, по цел ден ќе треба да бидам во полиција“.

– Имам закани од луѓе кои сакаат да ми вршат притисок, за да им бидат простени злоупотребите на одредни луѓе. Ако почнам да пријавувам закани ќе треба по цел ден да бидам во полиција. Заканите се за да не се откријат постапките. Нема да потклекнам на закани со притисоци и закани, нагласи Арсовска.