Драмската претстава „Непотизам“ на албанскиот автор Кристо Флоќи, што требаше на албански јазик да ја подготват драмските аматери од Кичево и која финансиски беше поддржана од Министерството за култура, за оваа календарска година во износ од 50 000 денари, нема да се реализира, потврди режисерот на претставата и носител на една од главните улоги, Рахим Рамадани.
– И покрај нашите желби и амбиции во текот на оваа календарска година да ја подготвиме драмската претстава „Непотизам“ на албанскиот драматург Кристо Флоќи, сепак нема да ја реализираме. Причини за откажување на оваа драмска претстава има повеќе а најважни се пандемијата со Ковид-19, кога поради протоколите за заштита од Ковид-19 не бевме во можност редовно да се собираме а против ова групирање беа и родителите на младите актери, кои требаше да бидат вклучени во оваа драмска претстава. На крај и мојата презафатеност и повеќето ангажмани на професионален план, не ми оставија време целосно да се посветам во подготовката на оваа драмска претстава-истакна режисерот на претставата Рахим Рамадани.
Појасни дека во потоплиот период апстиненцијата на актерите придонела да не ги започнат подготовките за драмата а кога дошол постудениот период од годината, тешко било да се работи поради недоволното затоплување на просториите во центарот.
Рамадани додаде дека и наредната година ќе аплицираат со нова драмска претстава и се надева дека истата ќе биде навремено подготвена и реализирана.