Во прилепското кино „Мис Стон“ синоќа беше промовирана збирката- поезија „Мојот пат низ песна“ на прилепчанецот Златко Лашкоски, долгогодишен секретар на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Книгата-поезија е издадена постхумно, по една година откако Лашкоски почина како последица на коронавирусот.
Во книгата се 49 негови песни, создавани изминатите 40-тина години.
Според Слободан Беличански, член на Друштвото за наука од Прилеп, кој ја претстави книгата пред читачката публика и почитувачите на Лашкоски, тој освен како вљубеник во македонскиот изворен мелос, преку неговите стихови, се претставува какао поет-лиричар, но и со одредени домољубиви песни.
– Неговата поезија е главно лирична, чувствителна, а има и песни со кои ја покажува љубовта спрема родниот град Прилеп и другите места во земјава. Сметам дека песните се погодни и за компонирање музика, вели Беличански.
Донка Бачанова, долгогодишен член на организацијата на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, рече дека Лашкоски со години беше посветен на негувањето на изворниот мелос и збогатувањето на содржините на Фестивалот.
– Лашкоски, ми се чини, отсекогаш беше дел од Фестивалот. Прво преку татко му Илија, го запозна своевремено виртуозот на гајдата Пеце Атанасовски, а потоа како активен чинител во организацијата на Фестивалот, беше секретар осум години и иницијатор на многу содржини за негување и зачувување на богатото фолклорно наследство, рече Бачанова.