Документи за крштенка, развод, пренос на недвижнини, отпочнување сопствен бизнис, се дел од новите дигитални услуги за Грците што ги подготвува Министерството за дигитална политика на Грција, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, конкретното Министерство планира воведување шест нови онлајн услуги.

Преку дигитална платформа за судовите, граѓаните ќе можат онлајн да се информираат за програмата и распоредот на судските процеси, додека пак разводот, доколку постои согласност од двете страни, ќе се издава електронски.

Предвидено е двете страни преку нивните адвокати, електронски да го прекинат бракот, процедура што ќе трае само десет дена и без да биде потребна посета на суд.

За крштенки на децата, родителите ќе можат онлајн да ги извадат сите неопходни документи.

Отпочнувањето сопствен бизнис исто така ќе биде онлајн, а целиот процес ќе се заврши во еден чекор, избегнувајќи ги сите бирократски процедури.

За пренос на недвижнини планирано е воведување систем кај нотарите преку дигитално досие.

Конкретните можности, според АНА-МПА, на граѓаните ќе им бидат достапни во следните седмици.


Администратор
25/11/2021 12:00