Започна изградбата на улицата бр.4 во пехчевското село Црник, која води кон муслиманските гробишта. Од општината информираа дека станува збор за извршување на земјени работи и вградување на бекатон плочки во вкупната должина од 370 метри, а вршејќи увид во градежните работи, пехчевскиот градоначалник Александар Китански, додаде дека со нејзината изградба ќе се реши големиот и горчлив проблем на жителите на село Црник.

-Должината на оваа улица изнесува 370 метри која опфаќа и изградба на потпорни ѕидови. Постоечката улица е со земјен коловоз и при дождови е тешко проодна. Со изградбата ќе решиме еден огромен проблем, пред се, на оние граѓани кои се нејзини најдиректни корисници, но и на сите жители на село Црник, рече Китански.

Вкупниот буџет за изградба на улицата бр.4 изнесува 2,5 милиони денари од кои 296.000 денари се за изградба на потпорни ѕидови. Од општината додадоа дека средствата се обезбедени од Биро за регионален развој, а согласно договорот изведувачот на градежните работи фирмата „СД-Транс“ ДООЕЛ Славе извоз-увоз с.Звегор, Делчево улицата треба да ја изгради до крајот на оваа година.

Оттаму, додадоа дека паралелно започната е и изградбата на улиците 2 и 3 во село Црник и воедно најавија дека после изградбата на овие улици, следува реконструкција и рехабилитација на улиците во градот и другите населени места.