Во организација на фудбалскиот клуб Каменица Саса викендот во Македонска Каменица се одржа првиот „Рударски куп“ за фудбалери од помладите генерации. На настанот како што информираа организаторите учествуваа фудбалери од генерацијата 2009 и помали.
– Фудбалскиот клуб Каменица Саса има богата традиција во младинските категории, како во државата, така и надвор од неа. На фудбалерите им посакуваме овој Куп да им остане во добро сеќавање, со цел да научат повеќе од своите врсници и да ја продолжат својата дружба и понатаму, истакнаа организаторите.
За градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски најважно на овој турнир е спортската дружба помеѓу младите фудбалери.
– Преку ваквите настани тие имаат можност да го покажат она што најдобро го знаат преку фер натпревар и посакувам ова да прерасне во традиција, рече Атанасовски.
На настанот учествуваа фудбалски екипи од Скопје, Штип, Делчево, Кочани и градот домаќин Македонска Каменица, а за најдобрите екипи во своите категории организаторот обезбеди награди.