Здравствените власти на Белгија денеска предупредија дека земјата се движи кон пикот на четвртиот бран со враќањето на децата во училишните клупи и крајот на есенскиот распуст, јави дописничката на МИА од Брисел.

Иако есенскиот распуст, помеѓу први и осми ноември, донесе забавување на трендот на нови инфекции, со крајот на оваа пауза и враќањето на децата во училишните клупи оваа недела бројот на новозаразени се зголемил за околу 40 отсто, информираа денеска од Кризниот штаб за Ковид-19 на Белгија.

-Бројот на новозаразени е голем и продолжува да се зголемува, имавме денови со над 10 илјади новозаразени, а во понеделникот дури 15 илјади, изјави Стивен Вангихт, портпарол на кризниот штаб.

Најголем подем бележи северот на земјата каде стапката на вакцинација е и највисока. Најпогодени се старите лица над 65 години како и децата.

Загрижува и зголемениот број на хоспитализирани кој достигна во просек 201 лице на ден, односно скок од 20 отсто на стапката на новохоспитализирани. Вчера, четврток, бил и најцрн ден од почетокот на четвртиот бран оваа есен.

Лоша е состојбата и на интензивна нега каде стапката на нови пациенти е зголемена за 30 отсто на неделно ниво, што предизвикува огромна загриженост за способноста на болниците да се справат со притисокот.

-Очекуваме идната недела да имаме меѓу 250 и 300 нови пациенти на ден во болница, а после викендот оваа бројка најверојатно ќе се искачи до над 500 пациенти на интензивна нега, пикот на четвртиот бран очекуваме да биде достигнат со 600 до 700 нови пациенти на интензивна нега, предупредија од Кризниот штаб.

Единствена бројка која е пониска од претходните бранови е таа на починати, што се должи на високата стапка на вакцинирани, сметаат лекарите.

Белгија е единаесетта во Европа по број на новозаразени со коронавирус.