Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски денеска по повод 67 години постоење на едно од најстарите училишта во Општината, присуствуваше на патрониот празник.

Во училиштето беше организирана свеченост со доделување награди за литературни творби, музички изведби и приредби од страна на учениците.

– Чест и задоволство ми е што денеска сум тука, во ООУ „Димитар Миладинов“, кое го носи името на еден од најзначајните македонски литературни творци. Низ ходниците на ова основно училиште поминале многу генерации на ученици, кои подоцна, со своите дела оставиле белег во општеството, како во Општина Центар, така и во Скопје и во цела држава, изјави тој.

Герасимовски додаде дека Општината во изминатиот период силно вложуваола во подобрување на условите за образованието во училиштето како и дека со засилено темпо ќе продолжи да вложува и во иднина.

Директорката на училиштето Марија Варсамис Симоновска по повод патрониот празник истакна дека училиштето години наназад ги следело и применувало современите стандарди за стекнување на квалитетно образование и промовирање на хуманите односи и почитувањето на различностите.

– Нашето училиште со многу работа, ентузијазам и љубов ги следи и применува новите современи стандарди преку кои се презентира успешната реализација на воспитно образованиот процес. Нашата мисија е со меѓусебна доверба и соработка на учениците, наставниците, родителите и со поддршката на Општина Центар да изградиме најсовремено училиште на 21 век. Нашата визија е да развиваме толеранција, градејќи мостови на пријателства и соживот, порача Варсамис Симоновска.

Училиштето е основано во 1954 година, кога првично го носи името на народниот херој од НОБ – Иво Лола Рибар. Во денешната зграда училиштето работи од 1960 година, а од 1961 година по предлог на д-р Иван Рибар, таткото на Иво и Јурица, го носи името Браќа Рибар.