Земјите во развој како што е Македонија, треба да ги постават своите митигациски цели, но финансирањето е клучот во остварување на овие таргети, вели во интервју, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, кој учествува на Конференцијата на ОН за климатски промени (КОП26).

Во услови на драстични предупредувања од научната заедница за ескалација на климатската криза, КОП26 почна на 31 октомври во шкотскиот град Глазгов. На покана на Обединетите нации, владини претставници од околу 200 земји во текот на две недели ќе разговараат за начините на кои човештвото сè уште може да го задржи забрзаното глобално затоплување на некое толерантно ниво. Се очекува присуство на околу 25.000 лица, вклучително и илјадници новинари и активисти за заштита на климата.

Нуредини во интервјуто за МИА нагласува дека на овој настан можеби првпат поголемите земји и развиените економии истапиле со поконкретни заложби, а фактот дека САД се вратиле на преговарачката маса и одлучноста што ја покажуваат да бидат дел од решението, како што нагласи тој, се охрабрувачки.

– Иако земјите во развој како нашата исто така треба да ги постават своите митигациски цели, финансирањето е клучот за остварување на овие таргети. До крајот на преговорите очекувам да се постигне конечен договор за овој сегмент, како и операционализација на обврските од Договорот од Париз, посебно во делот на транспарентноста. Неизбежно е да се утврди методот за соработка и придонес на владиниот, бизнис, научниот и граѓанскиот сектор. Потребно е и адаптацијата да го добие третманот, како и аспектот на митигација. И секако, да се зголемат националните митигациски цели за да се постигне глобалната цел за ненадминување на глобалното затоплување за два Целзиусови степени, вели Нуредини за МИА.

За тоа во кои сегменти Македонија ќе биде повидливо застапена, Нуредини напомена дека веќе ги презентурале анализите за влијанијата на климатските промени врз културното наследство, на покана на грчката Влада.

Планирано е и учество во презентацијата на Алијансата за напуштање на јагленот, а заедно со Министерството за образование и наука ќе бидат презентирани заедничките активности за вградување на климатските промени во образовниот процес.

– Со оглед на тоа дека со нашиот национално определен придонес се заложивме за енергетска и праведна транзиција, како и затворање на РЕК „Битола“ најдоцна до 2030, поканети сме и на дискусиите на Енергетската заедница. А нашата земја ќе биде исто и домаќин на посебен меѓународен настан во рамките на придружната програма, каде ќе биде отворена дискусија за споделување на искуства и изнаоѓање на вистинските методи за решавање на климатската криза, заедно со сите чинители во општеството, нагласи Нуредини.

Во продолжение следува целото интервју со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини:

Со каква амбиција Република Македонија се претставува во Глазгов? Што презентиравте на светскиот лидерски самит?

На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање во мај годинава Владата го усвои ревидираниот национално определен придонес кон Парискиот договор со кој нашата земја се обврза за намалување на емисиите на стакленичките гасови до 2030 година за 51 отсто или изразено во нето емисии 82 отсто. Заедно со претседателот Пендаровски ја презентиравме оваа амбиција која е базирана на научни анализи, со кои се идентификувани 63 мерки и активности кои се потребни за да се исполни оваа цел. Дополнително, неодамна беше усвоена и националната долгорочна стратегија за климатска акција со акциски план до 2050, со што предводиме како една од земјите со јасно дефинирани политики во областа на климата.

Слушнавме најави за зголемени заложби и конкретни иницијативи од различни светски лидери, дали Република Македонија поддржува некои од овие иницијативи?

Подготовките за овој самит беа долги, при што владите од светот преку своите амбасади се координираа во однос на глобалните заложби кои ќе бидат презентирани и поддржани во текот на самитот во Глазгов. Ние тесно соработуваме Велика Британија како претседавач со овогодинешната конференција на страните на Рамковната конвенција за клима на ОН, при што во согласност со нашите усвоени климатски политики ја изразивме поддршката на иницијативите за глобална заедничка акција во полето на транзиција кон чиста енергија, напуштање на јагленот и управувањето со шумите и земјиштето. Исто така на покана на САД, се приклучивме кон иницијативата за ограничување на емисиите од метан, кои веќе беа анализирани во рамките на подготовката на нашиот национално определен придонес, посебно во областа на управување со отпадот и сточарство, како и глобалната иницијатива за „зелени влади“.

Кој е вашиот генерален впечаток од досега слушнатото и што очекувате до крајот на преговорите?

Можеби е ова првиот пат кога со поконкретни заложби истапија поголемите земји и развиени економии. Секако, фактот што САД се вратија на преговарачката маса и се чинат одлучни да бидат дел од решението е доста охрабрувачки. Исклучително е важно овие земји да се посветени на поддршката на земите во развој, бидејќи сите заедно сме дел од климатската криза. Иако земјите во развој како нашата исто така треба да ги постават своите митигациски цели, финансирањето е клучот за остварување на овие таргети. До крајот на преговорите очекувам да се постигне конечно договор за овој сегмент, како и операционализација на обврските од Договорот од Париз, посебно во делот на транспарентноста. Неизбежно е да се утврди методот за соработка и придонес на владиниот, бизнис, научниот и граѓанскиот сектор. Потребно е и адаптацијата го добие третманот, како и аспектот на митигација. И секако, да се зголемат националните митигациски цели за да се постигне глобалната цел за ненадминување на глобалното затоплување за два степена Целзиусови.

Во кои сегменти од повеќедневната програма во рамките на КОП26 нашата земја ќе биде повидливо претставена?

Ние веќе презентиравме наши анализи за влијанијата на климатските промени врз културното наследство на покана на грчката Влада. Дел ќе бидеме од презентацијата на Алијансата за напуштање на јагленот. Исто така, заедно со МОН ќе се презентираат заедничките активности за вградување на климатските промени во образовниот процес. Со оглед на тоа дека со нашиот национално определен придонес се заложивме за енергетска и праведна транзиција, како и затворање на РЕК „Битола“ најдоцна до 2030, поканети сме и на дискусиите на Енергетската заедница. А нашата земја ќе биде исто и домаќин на посебен меѓународен настан во рамките на придружната програма каде ќе биде отворена дискусија за споделување на искуства и изнаоѓање на вистинските методи за решавање на климатската криза заедно со сите чинители во општеството.

Која е придобивката на Република Македонија од учеството во овие преговори и поддршката на различните иницијативи и заложби?

Нашиот пристап во поддршката на овие иницијативи се темели на анализите од веќе усвоените климатски документи на национално ниво. Сметаме дека со нивната поддршка ја зголемуваме можноста за унапредување на потребната соработка и обезбедување финансиски средства за реализирање на истите. Важно е сите земји да учествуваат во постигнување на глобалните цели, посебно важно е за земјите во развој како нашата да го заземат своето место на масата. Ние како земја го поставивме патоказот, веќе како Влада спроведуваме активности за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, зголемување на енергетската ефикасност. Мораме дополнително да работиме на поддршката на индустрискиот сектор, земјоделието, поеколошкиот транспорт, управувањето со отпадот и промената на генералните навики на сите нас. Партнерството со развиените земји може да ни помогне во остварување на одржливиот развој, а воедно намалено локално загадување.

Ана Цветковска


Администратор
04/11/2021 12:19