Преку 15 изложувачи од земјава учествуваат на годинашниот трет „Пчеларски саем на Македонија“ што беше отворен денеска на плоштадот во Скопје и ќе трае до недела.

Мотото на манифестацијата е „Мед и здравје“, а посетителите ќе можат да купат и да дегустираат мед, полен, матичен млеч, природни ликери на база на мед без шеќер, саќе,… На некои од штандовите се продава и опрема неопходна за пчеларење.

Гости со свои штандови се претставници од Факултетот за земјоделски науки и храна и Факултетот за ветеринарна медицина.

-Пчеларството во земјава оди во нагорна линија. Има пчелари од сите бранш и старосни структури, од машки и од женски пол. Пчеларството станува семеен бизнис со традиција, но го избираат и голем број млади како своја, основна дејност. Имаме, исто така, и својас автохтона пчела. Оваа и претходните неколку години приносот на мед е многу намален, а меѓу причините за тоа се климатските промени, употребата на пестициди од страна на овоштарите и градинарите, прскањето против комарци,… За пофалба е што квалитет годинава е многу подобар и покрај големите горештини, беше речено на отворањето на Саемот.

Според Пчеларската федерација која е организатор на Саемот, медот и пчелните производи се одличен адут за подобрување на здравствената состојба особено сега, во време на КОВИД.

Федарцијата во оваа прилика јавно укажа на проблемот со кој се соочуваат пчеларите и апелира да не се вршат здравствени прегледи на веќе зазимени пчелни семејства.

-Прегледот треба да се врши во април или мај и по потреба, ако пчеларот забележи болест кај пчелните семејства, го повикува матичниот ветеринар. Не треба да се врши преглед на веќе зазимени пчелни семејства. Според сознанија, има случаи на наплата, а неизвршен здравствен преглед. Пчеларот тоа не треба да го дозволи зашто станува соучесник на такви дејства, подвлекоа од Пчеларската федерација.

Главен покровител и домаќин на „Пчеларскиот саем на Македонија“ е Град Скопје.