Во галеријата „КО-РА“ е отворена изложбата „Просветлување“ на уметниците Перо Кованцалиев и Васко Ѓоргиев.

Изложбата ја отвори Виолета Калиќ, историчар на уметноста и стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во Ј.У. Домот на култура „Кочо Рацин“.

Опишувајќи ја темата на изложбата, Калиќ посочи дека динамиката и експанзијата на технолошките дострели, особено во сферата на маркетингот и рекламата допираат посредно и непосредно и до несвесното во човековото битие и тоа преку најразлични сфери, пласирани создавајќи не само естетика на инстант вредности, туку и една псевдо етика во сите сфери на ововременото живеење која го девастира битовото во човековата севкупност.

-Двајцата уметници во изразната лексика која има бројни неконвенционални изразни форми, средства и материјали, каде светлината-темнината и фразата се интерполираат создаваат една впечатлива компактна доживелица. Силно е сугестивна, како во формата и ликовната изразна лексика во духот на ововременото концептуално, неопластично, каде рекламниот слоган и афоризмите стануваат дел од изразната тематика од ангажиран карактер, така и во пораката која им е инхерентна и ја упатуваат со алузија, иронија, досетка, фраза, инсертирани од паролите, симболите на конзумеризмот, од на нашето катадневие, рече Калиќ.

Таа напомена дека Перо Кованцалиев и Васко Ѓоргиев симултано се надополнуваат во оваа заедничка изложба, а тие се и автори на дизајнот на постерот и каталогот, како и на освртот кон изложбата која е од ангажиран карактер и ја акцентира глобалната хипокризија во вреднувањето на вистинските чисти вредности во многу сфери од човековото опстојување и дејствување.

Изложбата, која ќе биде отворена до 1 ноември, е подржана од Министерството за култура.


Администратор
27/10/2021 15:29