Сакаме европска перспектива за Западен Балкан и на сите актери јасно им кажуваме дека треба да ги зголемат нивните напори. Европејците треба да им понудат јасна пристапна перспектива на земјите од Западен Балкан, порача министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас од Лондон, во обраќањето на настанот „Зајакнување на безбедноста и стабилноста во Европа и Медитеранот“ организиран од Кралскиот институтот за одбрана и безбедност, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија, објаснувајќи го овој негов став посочи дека не говори дека земјите од регионот утре ќе влезат во Европската унија, туку зборува за „многу јасна перспектива која би делувала како поттик за тие земји“.

-Треба да го зголемат темпото на реформите, треба да ги почитуваат нивните меѓународни обврски, бидејќи алтернативата е мрачна. Без таква перспектива од Европа, оние другите кои сакаат да го вратат часовникот наназад ќе го полнат, ако и веќе не го пополнуваат вакуумот, рече Дендиас.

Објасни дека Грција се наоѓа на крстопат од два региони: „Балканот – европското буре барут и Блискиот Исток, кои ги поминаа најкрвавите и најбруталните конфликти во последните 100 години“.

-Нашата цел е да осигуриме дека духовите од минатото нема да се вратат во овие кревки региони. Наречете ги балкански духови, наречете ги нео- отомански духови, наречете ги исламистички духови, тие се духови и сè уште нè прогонуваат. И ова е дел од светот кој многу многу лесно може да биде заробен од сопствената историја, истакна Дендиас.

Шефот на грчката дипломатија како еден од примерите, за земја што се обидува да ги оживее овие духови, ја спомена Турција, која „на Грција ѝ се заканува со војна доколку таа ги искористи нејзините суверени права“,

Додаде дека од доцните 90-ти издаде „casus belli“ против Грција, „со негирање на неоспорливото право островите да имаат територијални води над шест милји, ексклузивна економска зона и континентален гребен“.

Пред учеството на настанот, Дендиас во Лондон се сретна со шефицата на британската дипломатија Лиз Трас, со која разговарале за низа теми, како што се ситуацијата на Балканот, кипарското прашање, Источниот Медитеран, инвестиции и билатералните односи.

Дендиас и Трас потпишале и Договор меѓу Грција и Обединетото Кралство што ги покрива сите области: одбраната, трговијата, туризмот, културата итн.


Администратор
26/10/2021 13:41