Издавачката куќа Темплум четврти пат го распишува конкурсот за наградата „Лифт“, за македонски стрип, кој ќе биде отворен до 14 ноември 2021.

Од Темплум известуваат дека право да конкурираат за наградата имаат сите граѓани на државата, кои ќе испратат сопствени досега необјавувани авторски стрипови, до 16 табли (или страници).Оттаму појаснуваат дека оние кои ќе конкурираат можат да испратат и стрипови од една или две страници, но не повеќе од 16.

Наградниот фонд изнесува 500 евра, но во книги и стрипови. Фондот со свои изданија го обезбедија Темплум и Бункер.

Предвидени се три награди: од 250, 150 и 100 евра. Најдобро оценетите автори за таа сума ќе добијат изданија, по сопствен избор, на книгоиздателството „Темплум“ и на издавачот на стрипови „Бункер“.

Стриповите треба да бидат испратени, скенирани, по електронска пошта, до 14 ноември 2021 година на адресата: stripnagradalift@gmail.com

-Целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум. Втора важна цел е да придонесеме за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што сакаме да придонесеме за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор, велат од Темплум.