Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот го освои второто место на меѓународниот натпревар за најдобри компании и организации од целиот свет Go Global Awards 2021 организиран од Меѓународниот совет за трговија со седиште во американскиот главен град Вашингтон.

– На вчерашната церемонија, на која беа присутни компании и организации, на Агенцијата за прв пат и беше доделена награда во категоријата „Промоција на извозот”. Признанието за успехот во работата на Агенцијата го доби директорот Дејан Павлески, кој ги повика присутните на церемонијата да ги разгледаат можностите и поволностите што ги нуди Владата на Република Македонија за потенцијалните инвеститори и за зголемување на трговската размена, велат од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.

Оттаму известуваат дека во категоријата најдобар менаџер награда добил Мевлудин Ибиш менаџер на македонската компанија Даути Комерц, еден меѓу 10-те домашни компании, кои поднеле апликации во повеќе категории на годинешниот светски бизнис настан.

Директорот на Агенцијата Дејан Павлески бил еден од 15-те судии кои минатиот месец ги селектирале апликациите на 780 од пријавени 4372 светски компании од 176 земји на Go Global Awards 2021.

– Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот за прв пат беше дел од доделувањето на престижните признанија на компании на меѓународно ниво, откако претходно зема учество на меѓународната конференција The Think Global Conference во април годинава на која како почесен говорник се обрати директорот на агенцијата Павлески со презентација за инвестициските и извозните потенцијали на земјата, соопштуваат од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.


Администратор
15/10/2021 16:12