Шада Ислам, една од највлијателните жени во бриселските кругови и долгогодишна експертка за надворешна политика на ЕУ во разговор за МИА се осврнува на посетата на претседателката на Европската Комисија на Западен Балкан, иднината на проширувањето и големите предизвици пред кои е исправена Европската Комисија.

Според Ислам, Западниот Балкан не треба да се надева на брзо приклучување кон Европската Унија, но смета дека е време двете страни да излезат со храбри и креативни решенија во нивното партнерство.

Како гледате на посетата на претседателката на Европската Комисија на Западниот Балкан?

Фон дер Лајен немаше избор, мораше да оди во регионот апсолутно. Доаѓа самитот на 6 октомври. Таа е интелигентна жена, а регионот станува сѐ понемирен, има сѐ повеќе надеж за некаков исчекор затоа што словенечкото претседателство вети. Имаше многу големи причини за да оди во регионот и да го осигури регионот дека заложбата постои. Иако Европската Комисија е заглавена помеѓу геополитички и домашни работи. Целото прашање е поделено помеѓу, од една страна, Европската Комисија која што ги разбира геополитичките предизвици и влогови, и, од друга страна, земјите-членки кои имаат свои национални и историски прашања. Има две работи кои тежат врз ЕУ: едната е ситуацијата со Полска и Унгарија, но и други земји како Словенија и сериозната загриженост дека европските вредности се излитени поради проширувањето. Тоа е општото чувство во Европа, дека се отвори, се прошири без да воведе потребни осигурувања кон земјите кои се зачленуваат и нивните домашни и регионални конфликти, како што научивме со кипарскиот спор и последиците за ЕУ. Така што извлечени се поуки, но работата е што ќе правите со тие поуки. Брегзит исто така беше трауматично искуство за ЕУ. И да и кажете на една скептична европска јавност дека ќе продолжите да се проширувате или дека ќе преземете чекори за да се проширите понатаму, не е нешто што се продава лесно во ЕУ. Тоа е реалноста во ЕУ, но сепак кон регионот мора да се пружа солидарност и да се даде ветување дека се дел од европското семејство. Мора тоа да се направи, не само затоа што се потребни реформи и стабилност, туку и затоа што геополитички ривали како Кина, Русија, Турција, го шират своето влијание. Така што заглавени сме на некој начин: геополитички императиви и заложба за проширувањето дадено пред години, и од друга страна реалноста на европската јавност.

Ако треба искрено да им се обратите на луѓето во регионот, дали тоа значи дека проширувањето нема да се случи во догледно време или дека компромис сепак е можен?

Не е реалистично да се очекува полноправно членство во догледна иднина. Таргетот 2025 година што се даваше е магично размислување. Проширувањето е долг и болен процес и видовме сега со Косово и Србија, има толку многу нерешени прашања, а во Брисел постои загриженост за темпото на реформи. Мислам дека е време да се престане со магичното размислување, но го разбирам товарот за ЕУ, ова е ситуација со двајца губитници, но мислам дека она што ни треба е некаков брејнсторминг за креативни политички решенија. Да престанеме да сонуваме и да бидеме реални за тоа што може да се направи. Никој не е подготвен да оди по тој пат поради сите предизвици и дадени ветувања, но мислам дека е време да размислиме како понатаму, додека чекаме, и продолжуваме да се надеваме дека ќе се оствари членството во ЕУ за сите шест земји. Самата ЕУ е недовршена работа, не е линеарен прогрес како што видовме и со Брегзит. Сметам дека креативноста е интересно прашање, а тоа бара политичка зрелост од страна на самиот регион, но и сериозна интелектуална инвестиција од страна на ЕУ за да видите како ќе поттикнете стабилност, реформи, интеграција, без да дадете целосно ветување за проширување.

Што би било тоа политички креативно решение? Постојат ли такви размислувања во Брисел, како истовремено да се добијат реформите и фондовите кои им следуваат без притоа да ги трауматизирате земјите што се против проширувањето како Франција, Холандија, итн?

Една работа е Конференцијата за иднината на Европа. Тоа е местото каде Европа се здружува, не ЕУ, туку Европа, а Балканот е дел од Европа. Зошто не ги поканивме, зошто не се дел од оваа дискусија? Ова е нешто што не го разбирам. Потребно е чувство на припадност, на посветеност, дека сте дел од таа конверзација. ЕУ е толку техничка, со регулативи, директиви. Фон дер Лајен во својот говор за Состојбата на ЕУ говореше за „душата“ на Европа, сметам дека Балканот требаше и сѐ уште може да биде дел од дискусијата за иднината на Европа. Зошто не се таму овие земји? Ако му велите на регионот дека е дел од семејството, треба да го третирате како дел од семејството. Европските процеси се толку технички и бавни и регулирани, што е и добро, затоа што станувате дел од заедничкиот пазар, имате исти стандарди и правила, но Европа е многу повеќе од тоа, таа е и чувство на припадност, но нашите политичари не се многу добри во ова. Сакаме да се спротивставиме на влијанието на Кина, Русија, но тоа не се прави исклучиво со пари, туку со чувство дека сте вклучени. А Европа е многу лоша во однос на концептот на инклузивност. Треба да бидете дел од дискусијата, да бидете дел од Комитетот за региони на пример, да бидете инволвирани целосно во дебатите за иднината на Европа, но сѐ е заглавено во тие технички преговори.

Дали треба да се оди кон некакво засилено партнерство наместо зачленување во ЕУ кога гледаме колку зборот проширување предизвикува тензии кај земјите членки?

Мислам дека од очигледни причини на ЕУ и е потребно Западниот Балкан да стане член, има геополитички, економски, социјални аргументи за полноправно членство на регионот во ЕУ, тоа е најдоброто решение, тоа е тоа што и треба и на ЕУ и на регионот. Нема дилема тука. Мора овие шест земји да бидат дел од ЕУ. Но она што го знаеме дека ова не е можно на краток рок, а веројатно ни на среден поради сѐ ова за што разговаравме. Кога го знаете тоа, наместо постојано да повторувате „дел од семејството сте, ве поддржуваме“, да бидеме реални за тоа како треба да изгледа ова засилено партнерство. Секогаш зборуваме за тоа што и е потребно на ЕУ од регионот, но да погледнеме што бараат земјите и владите во регионот од ЕУ? Слободно движење, така? Пари? Не мислам дека им се толку потребни пари затоа што имаат пари од повеќе извори, но им треба техничка експертиза, реформи. Ми се чини дека играме игра на „блеф на слеп човек“.

Тука е и прашањето на миграцијата, се користат земјите од регионот за да се спречат бегалците да стигнат во ЕУ…

Да, им се дава клучот на тврдина Европа, како што и се даде на Турција.

Но без бенефитите, а впрочем и самата таа улога е многу дискутабилна, зарем не? Создава многу фрустрација, па и страв, во регионот.

Точно, ова е толку кусоглед начин на работа. Ова е пристапот што го има ЕУ со сите свои соседи. Ако ги погледнете договорите со Африка, Северна Африка, Супсахарска Африка, Турција, сега со Балканот, секогаш се прави тоа на утилитарен начин, што може да биде сфатено како нешто навредливо. Мароко на пример сака да ги зајакне трговските односи, земјите сакаат да бидат вклучени. Вие имате ветување за полноправно членство, но и другите земји сакаат да имаат чувство дека се вклучени, а потоа да се средат техничките детали. Можеби вашите лидери се тие коишто треба да кажат сега е време за нова почетна точка. Целта останува истата, но како да се стигне до таа цел е прашањето. И мислам дека Европската Комисија е прилично во небрано поради сето ова затоа што земјите-членки се тие што заземаат екстремистички позиции, а не Комисијата.

Кога станува збор за Македонија, која е земјата што направи најризични политички потези за да се приближи кон ЕУ, а во однос на реформите е понапредна во многу области и од двете земји кои веќе преговараат, имате успешна приказна која не е наградена како што треба, затоа што една земја, Бугарија блокира, каков сигнал испраќате во регионот?

Целосно го разбирам гневот и фрустрацијата на граѓаните на Македонија, ова е тажна политичка ситуација за ЕУ, затоа што една земја членка може да држи во заложништво. Претпоставувам и дека делумно ова што се случува им одговара на некој начин на оние земји кои не се за проширувањето, но треба да бидат свесни за поширокиот предизвик за кредибилитетот. Ова се однесува на Македонија, и на луѓето во земјата, но како што рековте во прашањето ова има последици за кредибилитетот и конзистентноста на европската политика ширум регионот.

Зошто е толку проблематично за земји како Франција и Холандија само да започнат преговори кога тие преговори не значат членство во ЕУ?

Како што реков на почетокот, ситуацијата во која се наоѓаме, проблемите на истокот со нашите земји-членки, потоа Брегзит, се плашат од гневот на јавноста, гневот на оние кои се против проширувањето, тие што велат зошто влегуваме во ова кога имаме домашни проблеми. Пандемијата не помогна, фактот дека е во Европа владеат нееднаквости од секаков вид, поделби меѓу северот, југот, истокот, западот, конфликти меѓу самите земји околу буџетот, има чувство дека тоа би предизвикало огромен гнев.

Сега кога ја нема веќе Меркел во Германија, дали ќе има промени во оваа земја кон проширувањето и регионот?

Мислам дека без разлика кој ќе биде канцелар заложбата кон проширувањето нема да исчезне. Но не заборавајте дека сега ќе се формираат коалиции, а потоа доаѓаат француските избори, а со ситуацијата во Франција и подемот на екстремната десница, прашањата поврзани за имиграцијата, не верувам дека проширувањето ќе се најде високо на дневен ред на ЕУ за жал. Сигурно не за време на француското претседателство (кое започнува на први јануари 2022, нз). Но за да бидам пооптимист добар знак е што ќе се одржи состанокот на 6 октомври и мислам дека е време за искрен разговор на овој состанок. Видовме дека дури и усогласување за општа реченица беше проблем во заклучоците. Мислам дека е време за непријатна но искрена дискусија. И да се стане креативен. И тоа што е важно да се поканат земјите од Западен Балкан на Конференцијата за иднината на Европа, за да можат граѓаните меѓусебно да разговараат.

Ги споменавме Словенија, Унгарија, Полска кои се проблематични членки, но се и земјите кои највеќе туркаат за проширувањето, и се чини дека не е баш најдобро тие земји да ви бидат адвокати во ваков контекст…

Впечатокот е дека внесувате нерешени предизвици и потоа треба да најдете решенија. Не знаеме како да се справиме со Унгарија и Полска, еве дури и Словенија која е во рацете на популистички премиер, а сепак го презема претседателството. Правилата во ЕУ се скроени за шесте првични земји членки, а не за разновидни политички структури.

Идеологијата на овие источни земји, на Вишеградската група, сѐ повеќе се навлезени и во „постарите“ земји членки, како да се справиме со тоа?

Сум го рекла ова и порано, лесно е да се критикуваат Полска или Унгарија, но факт е дека владеењето на правото, нарушувањето на човековите права се случуваат и во Западна Европа исто така. Кога гледаме што се случува со исламофобијата, расизмот, третманот на бегалците во кампови, ова исто така е спротивно на вредностите на ЕУ. Лесно е да го земете Виктор Орбан и да речете дека сѐ се сведува на еден човек, но таканаречениот „европски начин на живот“ е поткопан секаде и никој тоа не го покренува. Кога гледате расистички и исламобични чинови, кога се враќаат назад бегалците, јас тоа го нарекувам селективен гнев. ЕУ, Европската Комисија се виновни за селективен гнев. Ова се огромни предизвици за Европа. Затоа што го поткопува нејзиниот кредибилитет, не само пред домашната јавност, туку и надвор. Не велам дека не треба да сме критични кон Унгарија, Полска, Словенија, но би биле покредибилни ако бевме еднакво гневни за тоа што се случува во Западна Европа. Виновни сме за двојни стандарди на некој начин.

Се чини дека Европа исто така сѐ уште не може да го „менаџира“ Балканот без помош на САД, а паралелно сака „стратешка автономија“, осамостојување од САД, и тоа го видовме сега со последните тензии меѓу Србија и Косово, дека не можат без Американците. Што кажува ова за способноста на ЕУ?

Мислам дека повторно тука треба да бидеме реалистични. Стратешката автономија на ЕУ не е реалност во моментов. Има огромна зависност од САД посебно кога станува збор за одбрана и безбедност и тоа нема да исчезне. Америка ќе продолжи да ја игра таа улога. Таму каде што сметам дека Европа треба да биде посамостојна е да работи одвоено од САД, да не ја следи секогаш линијата на САД кога станува збор за Русија или Кина, или Индопацификот, или Балканот. За мене стратешката автономија значи да бидеме способни да размислуваме за сопствените интереси, тоа не значи раскинување од САД, затоа што тоа е невозможно. Трансатлантската алијанса секогаш ќе биде важна и треба да коегзистира со стратешката автономија. Но кога станува збор за нашето соседство, треба да бидеме способни сами да се справиме, не треба да зависиме од надворешни сили, дали е тоа САД, Кина или Русија. Сепак да не заборавиме дека САД одигра огромна улога во ставањето крај на балканските војни, тоа мора да се има на ум. Многу граѓани на Западниот Балкан заминаа во САД, за нив тоа е и домашна политика. Не сум шокирана што некогаш Вашингтон е потребен бидејќи одигра историска улога во регионот, но не треба да стане навика.

Велите дека треба Европа да биде посамостојна од САД, кога станува збор за Русија и Кина, што сакате да кажете?

Да речеме со Северен Тек, мислам дека САД разбра дека Германија ќе продолжи со проектот. Стратешката автономија е разбрана после средбата на Меркел и Бајден во тој поглед. За Кина пак, тоа значи дека не треба да се следи антикинескиот став на секоја тема. За САД Кина е стратешки ривал и конкурент. За нас како Европејци тоа не е случај. Ние немаме амбиција да станеме глобален лидер. Кина не ни се заканува на каков било начин физички, не сме присутни во Пацификот, важно е да имаме трет пат, наш начин да делуваме со Кина: соработка кога треба, и отпор кога треба. Додека за Американците е само отпор по секоја цена, бидејќи за нив Кина е егзистенцијална закана. А Европа е многу зависна од Кина од економски аспект, станува збор за речиси две милијарди евра трговија дневно. Имаме добри односи со Америка исто така. Не треба изборот да биде бинарен. И Европејците се чини дека се посамоуверени на теми како Русија и Кина пред САД отколку други теми, како НАТО. Америка е големиот лидер на НАТО, има и едно чувство на вина кај Европејците дека не трошат доволно за одбрана.

И конечно што очекувате од француското претседателство и фактот дека изборите ќе се одржат за време на претседателството, не само во однос на проширувањето, туку генерално за ЕУ?

Загрижена сум, диверзитетот и инклузивноста се исто така дел од мојата работа. Начинот на кој ги демонизираат бегалците, муслиманите, мигрантите, е многу алармантно. Можеби е домашен проблем за нив. Но кога гледате дека дури и човек како Мишел Барние зборува за спречување на миграцијата, сфаќате дека дебатата е целосно излезена од шини. И кога споредувам со начинот и зрелоста со која се одвиваа дебатите во Германија каде политичарите дебатираа за вистински содржини како климатските промени, буџет, дигитализација, што се клучните прашања со кои треба да се занимаваме. Наместо тоа во Франција фокусот е на тоа колку можете да мразите муслимани и кој повеќе ги мрази и кој ќе направи најмногу да ги држи надвор. Ништо од тоа не е базирано на факти, сѐ е фикција. Секако дека постојат мали групи на екстремисти, не го негирам тоа, но да демонизирате цела една заедница… а во Германија ниту еднаш не се зборуваше за такво нешто во дебатите. Шокирана сум од начинот на кој се заплашуваат луѓето во Франција. И се разбира проблемот е што Франција ќе станува сѐ поважна. Со заминувањето на Меркел, фокусот ќе биде на Макрон. Ќе биде интересно претседателство.


Администратор
03/10/2021 13:24