Се поголемо е разочарувањето на македонските граѓани, особено во делот на евроинтегративните процеси и почнува да се наѕира барање на некакви алтернативи, покажува истражувањето на на Евротинк – Центар за Европски Стратегии, изготвено како дел од меѓународниот проект: „Справување со нелиберални-евроскептични наративи оддолу“ кој се имплементира во соработка со неколку партнерски организации: Универзитетот Скуола Нормале Супериоре – Фиренца, Италија; Универзитетот во Љубљана – Факултет за политички и општествени науки и Јан Новак – Колеџ на Источна Европа од Војновице, Полска.

Извршниот директор на Евртинк, Димитар Николовски вели дека за среќа тоа се алтернативи, кои се вбројуваат во некоја либерална демократија.

-Значи тие некои наративи, алтернативи, кои се нелиберални се уште не се толку популарни во државата, вели Николовски.

Прашан каква порака ќе испратат високите претставници на ЕУ, кои денеска и утре се во посета во нашата земја, Николовски со одговор дека пораката е јасна – да останеме на патот и да не се откажуваме од ЕУ.

-Меѓутоа не очекувам дека ќе понудат некое решение за најглавниот проблем кој го имаме, вели Николовски.

Италијанската професорка по политички науки, Мануела Кајани посочи дека Италија е промотор и еден од основачите на ЕУ. Смета дека нејзината земја останува на ставот за проширување на ЕУ.

– Италија го прифаќа проширувањето со нови членки, но многу поважно прашање во мојата земја сега е, колку граѓанското општество се уште верува во целокупниот концепт на Унијата, бидејќи ние како социјални научни работници сметаме дека, не постои можност за реализација на некој институционален процес, доколку граѓанското општество не даде поткрепа, не се интегрира и не се посвети на овој проект, вели Кајани.

Според неа ЕУ и европскиот проект успеал да се справи со кризите.

-Беа преземени иницијативни политики, се формираа фондови за закрепнување на економиите во европските земји. Иднината на ЕУ во многу ќе зависи од тоа како во следните неколку години ќе успее да ја менаџира кризата во која сме сега, зашто корона вирусот предзвика кризи во многу општествени сектори, рече Кајани.

Целта на проектот е да се истражат нелибералните наративи и евроскептицизмот во четири земји во Европа: Република Северна Македонија, Италија, Полска и Словенија. Проектот ќе трае во наредната година и пол.