Во Струмица вечер ќе се реализира 11-тото издание на меѓународната манифестација „100 илјади поети за промена“. Глобалното движење го организира поетскиот настан во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ од каде што соопштија дека Струмица повторно ќе биде домаќин на сите поети кои изразија интерес преку отворените повици да бидат дел од мисијата на самата манифестација.

По претходно распишаните конкурси за поезија и плакат, за ова издание на манифестацијата програмата ќе се реализира на две локации. Во НУЦК „Антон Панов“ (камерна сцена) со почеток во 20 часот ќе биде отворен фестивалот со промоција на зборникот во кој се застапени 60-ина поети.

Во вториот дел од програмата, кој е предвиден да почне во 22 часот во кафе-бар „Нагоре“, ќе биде отворена изложбата на плакати, односно дизајнерските решенија кои пристигнаа на конкурсот, а учесниците и гостите ќе имаат можност да го проследат музичко-сценскиот перформанс на колективот „Перија“.

– Ова е настан кој е дел од глобалната манифестација „100 Thousand Poets for Change“ – меѓународна манифестација која годинава се оддржува во повеќе од 15 држави во светот, со десетици закажани виртуелни и offline настани, а нашата држава и Струмица се дел од ова движење уште од самиот почеток. За време на фестивалот ќе бидат запазени сите протоколи за заштита од КОВИД-19 според мерките на СЗО и Министерство за здравство, соопшти здружението „Контекст – Струмица“.