Естонија покрај политичката поддршка која и ја дава на Македонија, навистина може да биде од помош за евроинтеграцијата на земјава со споделување на поширокото искуство во реформите не само во дигитализацијата и е-управувањето, туку и во транспарентноста и борбата против корупцијата, вели амбасадорката на Естонија Кристи Карелсон.

– Двете земји всушност минаа низ транзиција од комунистички режим кон слободна демократија и Естонија стекна огромно искуство во тоа и може да потврдам дека навистина минавме низ болни реформи. Но, како да го уверите својот народ дека понекогаш треба да се преземат овие поболни чекори, дека се нема да тече мазно и мислам дека сето тоа е многу скапоцено искуство кое што можеме да го споделиме со Северна Македонија. Нашите експерти дефинитивно ќе бидат во контакт и ќе го разменат искуството што го имаат и ќе дискутираат. И секако за колегите од Северна Македонија кога станува збор за дигитализацијата и борбата против корупцијата секако, како што веќе споменав, една од главните цели да се отпочне со градбата на едно вакво дигитално општество една од главните цели беше да се создаде подобра транспарентност за тоа како работата постапува, како управува со земјата и да се воспостави интеракција меѓу граѓаните и Владата и тоа да биде потранспарентно и подиректно што дефинитивно само по себе помага во голема мера во борбата против корупцијата, рече Карелсон по потпишување на Меморандумот за трилатералниот проект за унапредување на дигитализацијата во Северна Македонија со Естонија и САД.

Вицепремиерот за европски интергации Никола Димитров нагласи дека колку Естонија може да ни помогне на нашиот европски пат и во смисла на следниот голем чекор – почетокот на пристапните преговори со ЕУ, е фактот дека Унијата е комплициран ентитет којшто за ова прашање одлучува со консензус на сите 27 земји членки, а во таа смисла секоја земја членка ни е многу важна.

– Нашето искуство говори дека колку повеќе се познаваме, колку повеќе земјите членки се вклучени во реформските процеси што ние ги правиме дома, толку полесно е зближувањето, поддршката и пријателството. Бидејќи се работи за земја што иако географски не е блиска – ние сме на Балканот, Естонија е на Балтикот – тоа е земја што има исклучително успешен процес на трансформација поминувајќи го зачленувањето во НАТО и европеизацијата и зачленувањето во ЕУ, исто така. Така што мислам дека има многу причини овој мост да биде од голема помош. И мислам дека покрај гласот на Естонија многу повеќе ќе помогне токму во областа каде што блеска, ќе ни помогне нас и тоа ќе обезбеди едно вмрежување на естонската, на нашата администрација. Така што поддршката мислам дека ќе биде многу појасна и повидлива, рече Димитров.

За тоа дали покрај за дигитализацијата партнерите во проектов одредиле и други области каде е проценто дека е најпотребна нивната помош, естонската амбасадорка посочи дека навистина би биле среќни да видат тоа да се случи и оти е сигурна дека двете страни, Естонија и Северна Македонија навистина се подготвени да ја проценат ваквата опција во иднина. Естонија, вели таа, навистина е подготвена да сподели многу пошироко искуство од реформите и транзицијата низ коишто мина директно во процесот на интегрирање во ЕУ во минатото.

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз посочи дека Вашингтон долго време посвети, не само политики, туку и ресурси за поддршка на Северна Македонија и нејзиниот процес на пристапување кон ЕУ затоа што тоа е важна, но и многу широка и сеопфатна задача и има многу можности да се даде помош и поддршка.

– Начинот на кој што зборуваме за јакнење на демократските институции и владеењето на правото, институциите, потоа е-владата, зелената економија, енергетската ефикасност… Сите партнери на Северна Македонија треба да дејствуваат не само како партнери во ЕУ, туку партнери на САД и истомисленици. Значи, проектот што го започнуваме денеска се осврнува на една област која што има многу специфичен и насочен фокус како што е дигитализацијата и владеењето – ги видовме ефектите во Естонија и во другите членки, меѓутоа тоа сакаме да го видиме и во Северна Македонија. И навистина сакаме да соработуваат експертите на ова поле за да видат што може конкретно да се стори за партнерските ресурси директно да се насочат на таа задача, рече Брнз.

Таа оцени дека моделот со естонското партнерство е одличен и посакува да види како ова партнерство може да се прошири на нови начини и ќе биде добар модел за другите земји коишто се заинтересирани за поддршка на Северна Македонија.

– Токму затоа ние водиме стабилен дијалог со СЕП затоа што сме сигурни дека има нови можности. Сите ние признаваме дека ова е важна цел, сигурна цел и ќе наложи целото општество и целата Влада да соработуваат за да го постигнат како цел и да создадеме нови цели. И сигурна сум дека има и други партнерства и можности за партнерства што можеме да ги развиеме во наредните недели и месеци, смета американската амбасадорка Брнз.

Во своите воведни обраќања вицепремиерот Димитров нагласи дека дигитализацијата не е само потреба, туку и предуслов за напредок во други клучни области.

– Таа не е само наша иднина, туку и наша сегашност, бидејќи е мултипликатор на промените и општествениот развој. Обезбедува зголемување на ефиканоста како начело на доброто владеење, води кон градење на поотпорно општетство и нуди можности за справување со корупцијата, со што се зголемува транспарентноста и довербата на граѓаните кон институциите, додаде Димитров.

Амбасадорката Карелсон, пак, посочи дека во Естонија се се прави електронски – од пријавување на раѓање на дете, до гласање на изборите, а сите услуги се брзи и лесни за користење.

– Не можете да подмитите компјутер. Додека градиме дигитално општетство треба да бидеме искрени со себе дека креирањето на доверба и надминувањето на сомнежот на луѓето во поглед на електронскиот систем е долг и комплексен процес. Тоа е клучот за успехот во дигитализацијата, посочи Карелсон.

Таа посочи дека естонското искуство покаѓува оти најдобрите резултати во дигитализацијата се постигнуваат преку тесна и правична соработка меѓу јавниот и приватниот сектор.

– Затоа Владата лансира дигитална индентификација за брза и безбедна идентификација, како за онлајн услугите на Владата и на приватниот сектор, како банките или давателите на телеком улугите. Повеќето од компонентите на е-управувањето се развиени од приватни компании и повторно се користат и во двата сектора, рече Карелсон

Меморандум за соработка со Естонскиот центар за меѓународен развој, кој претставува трилатерален проект за унапредување на дигитализацијата во Северна Македонија, беше потпишан денеска во Владата.

Проектот ќе го спроведува Секретаријатот за европски прашања со финансиска поддршка од САД и Естонија и експертска поддршка од Естонскиот центар за меѓународен развој. Ќе се спроведува во рок од 18 месеци, а ќе вклучи подиобрување на правната и институционалната рамка за подобрување на дигитализацијата и е-управување, обуки за вработените во надлежните институции со фокус на управување со прпомени, како и поддршка и упрвцавување со дигитални решенија. Повеќедневната посета на естонски експрети на земјава која денеска завршува, е со цел да се сними актуелната состојба во процесот на дигитализацијата во Северна Македонија и да се утврдат проектните активности.


Администратор
24/09/2021 20:44