Вечерва со почеток во 18 часот во уметничкиот салон во Центарот за култура во Кичево, ќе биде отворена изложбата на Стефан Анчевски со работен наслов „Човек-број“. Анчевски е ликовен уметник роден во Куманово пред 28 години а во изминатите неколку години учесник е на повеќе групни изложби како во земјава така и во странство.

Живее и работи во Куманово а дипломирал на факултетот за ликовни уметности во Скопје 2017 година.

Тој на оваа изложба главен акцент му става на човекот кој постојано е принуден да чека пред шалтерите со ливче со реден број во рака.

– Чекањето на шалтер со бројче во рака е најактуелната форма на нумерирање на луѓето во современиот начин на живеење. Принципот на земи бројче можеби од една страна го олеснува чекањето на ред на шалтери, но од друга страна она најстрашното „Чекање не е изоставено“. Токму тоа е појдовната точка на овој ликовен проект кој сосема случајно почна да се развива и да го анализира човекот како број, поточно да претвора или само да констатира дека од човековиот идентитет останат е единствено редниот број вели за својата изложба авторот Анчевски.

Изложбата во Кичево ќе биде поместена во наредните шест дена.


Администратор
16/09/2021 17:33