Неколку дена јавноста слуша различни објаснувања, некои и меѓу себе контрадикторни, за отпустот на Зоран Милески Кичеец од струшкиот затвор, по што направи тешка сообраќајка во која загина едно лице. Која е вистината, останува да биде неодговорено прашање. Синоќа судот му одреди мерка 30-дневен притвор откако обвинителството побара.

Откако завчера рече дека Кичеец имал право на годишен одмор во затвор, вчера премиерот Зоран Заев пак одговори дека не ни знаел оти тој воопшто имал право на излез и оти е надвор.

-Воопшто нема никакви протекции, јас не ни знаев дека имал такво право. Од медиумите за прв пат слушнав дека господинот Зоран Милевски имал право на прекин на казната. Потоа се информирав кај Директорот на Управата за санкции, рече Заев на 7 септември.

Ден претходно зборуваше друго:

-Дефинитивно тоа е согласно закон, тоа е право што му следува на секој издржувач на казна. Имаат право на годишен одмор, имаат право на викенд, имаат право на лекување и со одреден прекин на казните и слично сето тоа е дозволено со законите во нашата земја. За деталите ве упатувам на Агенцијата за санкции, односно управата за извршување санкции. Моја должност беше да прашам, изјави Заев на 6 септември.

Во меѓу време, две државни институции дадоа два различни датуми и две различни причини за излезот на Кичеец. Според Управата за извршување санкции, причината била здравствени проблеми на Кичеец, а датумот кога бил пуштен е осми август. За разлика од нив од затворот во Струга, соопштија дека причината била здравствената состојба на неговата мајка, а датумот 11-ти август.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој е надлежен за овие две институции, најде начин како да ги одбрани, станувало збор за некаква некоординираност.

-Она што ми го кажа директорот на Управата е дека тоа што го објавиле во име на управата преку соопштение е точната верзија. Мислам дека се работи за моментална некоординација или разлика во датумите. Меѓутоа суштината е дека врз база на медицинска документација, добил затвореникот 30 дневен прекин од издржување на казната со цел да ги заврши тие медицински работи, изјави Маричиќ.

Уште една дилема ја мачи јавноста, зошто воопшто Кичеец, кој отслужува казна затвор за случајот „Рекет“, е затворен во Струга, место кое одвај може да се нарече затвор - бидејќи тука лежат лесни случаи, а затворениците имаат слобода на движење?