Романскиот писател Мирча Картареску е добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ од Скопје.

Наградата ќе му биде врачена во Скопје, за време на 9. издание на фестивалот, што годинава ќе се реализира од 19 до 22 септември.

Лауреатот Картареску во писмо до македонската јавност вели дека престижната награда „Прозарт“ не ја гледа како признание за неговата литературна активност која ја остварил досега, туку како на знак на доверба за тоа што ќе направи отсега понатаму.

-Таа ме обврзува да се обидам со сите сили да се покажам како достоен за неа. Наградата ти прави чест, но само ако и ти ѝ правиш чест нејзе, преку твоите напори да ја заслужиш. Не е едноставно да бидеш писател, но уште потешко е да бидеш романски писател. Ти треба многу упорност и многу шанси твоите книги да бидат прифатени и надвор од границите на твојата држава. Преку твојата книжевност и културата на која ѝ припаѓаш, треба да ги преиспиташ историските катастрофални хендикепи, треба да се бориш со предрасудите и клишеата што се однесуваат на твојот имиџ во светот, треба да докажеш дека не си културен провинцијалец, дека не пишуваш за некаква матна историја и питорескни обичаи, туку дека твојата проблематика се наоѓа во центарот на размислувањата и медитациите за литературата и судбината на човекот во рамките на европската цивилизација, вели Картареску.

Треба да се соочиш, додава Картареску, со чудната амнезија на западниот свет, која те заборава, само неколку месеци по објавувањето на твојата книга и повторно се запознава со тебе кога се објавува следната, како никогаш порано да не те сретнал. Но, сите овие недостатоци се потполно компензирани со радоста на пишувањето, со сознанието дека преку твоето писмо, си придонел малку кон убавината на светот.

Претседателот на Одборот за доделување на наградата Ермис Лафазановски во одлуката наведува дека Картареску е писател со карактеристичен наративен талент чија проза во почетокот на 21 век се наметнува како моќен глас во контекст на современата европска литература.

– Картареску е најпреведуваниот современ романски автор чиј неоспорен квалитет се докажува особено со неговата позната трилогија „Заслепување“, што не само што е преведена на скоро сите европски јазици, туку е и универзално книжевно достигнување, вели Лафазановски.

Картареску е добитник на голем број престижни домашни и меѓународни награди, меѓу кои Меѓународната награда за литература Виленица 2011, Меѓународната награда за литература Берлин 2012, Наградата за најдобра книга преведена во Шпанија во 2014 година, Австриската државна награда за литература (2015); Лајпцишката награда за книга за европското разбирање (2015); Наградата „Томас Ман“ во Германија (2018)…

Надвор од границите на Романија, има десетици преводи на неговите книги, а меѓународните критичари велат дека тој во моментов го претставува најдоброто од европската литература.

Работи како редовен професор на Универзитетот во Букурешт и новинар. Член е на на Сојузот на писателите на Романија и романскиот ПЕН.

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ што ќе се одржи во септември е во организација на издавачката куќа „Прозарт медиа“, а поддржувачи се „Традуки“, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопjе, Спона, Кинотека…


Администратор
30/08/2021 10:23