Во рамки на драмскиот дел на „Охридско лето“ фестивалската публика вечерва ќе може да ја проследи претставата „Вечера за глупаци“ во изведба на актерска екипа на Театарот „Комедија“ од Скопје.

„Вечера за глупаци“ е приказна која го коментира високото француско општество, кое, презаситено од сè што може да си овозможи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните. Имено, темата која се обработува е смислата на она што го чини човекот среќен и перспективата од која тоа се доживува. Во дејствието се раскажува за еден претставник на високото општество, кој по серија случајни несреќи што му се случуваат, заглавува на вечера со претставник на онаа група што планирал да ја исмева.

Низ таа фарса од ситуации се отвора прашањето за тоа кои се вредностите што креираат квалитетен живот: дали тоа што може материјално да се поседува и општествениот сталеж или способноста да се сочувствува и да се биде искрен? Земајќи ја предвид сè поголемата поделеност на општеството на богати и сиромашни, на социјално прифатени и социјално несоодветни, оваа приказна ги открива и другите нијанси помеѓу крајностите, во кои може да се види дека среќата е апстрактен концепт, чија предвидливост и контрола порано или подоцна стануваат мит.

Режисерот на поставката, Ирена Стеријовска, дипломира на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА во Скопје, отсек – театарска режија. Специјализира на универзитетот ФОН, отсек мултимедија. Од 2012 е вработена во Народниот театар од Охрид., ко-основач е на независниот театар „Фабрика“ во чија продукција ја режира претставата „Вејка на ветрот” од Коле Чашуле. За „Вејка на ветрот” ја добива наградата за остварување на нова театарска реалност на фестивалот Актерот на Европа.

Улогите во претставата ги толкуваат Валентин Костадиновски – Тино, Атанас Атанасовски, Илија Илиоски, Тони Денковски, Ема Давчева, Благица Трпковска и Столе Мицов.

Претставата не се препорачува за лица помлади од 16-годишна возраст, а ќе се игра на фестивалската сцена „Долни Сарај“ од 21 часот.


Администратор
02/08/2021 12:28