Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на својата 44. сесија, што се одржува во Фуџу, Кина, денеска ја прифати апликацијата „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Rегион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј –Охрид“, соопшти Министерството за култура.

Прифатениот проект за градење капацитети, во износ од 55 илјади американски долари, посочуваат од Министерството, има цел да ги надгради знаењата и способноста на стручните лица во Заводот и музеј – Охрид во однос на ГИС-вештините со помош од меѓународни експерти.

Тренинг-активностите, додаваат, ќе бидат посветени на неколку клучни аспекти во заштитата на културното наследство, како што се: дигитализација со примена на современи техники и технологии со стандардизирани процедури за инвентаризација на културното наследство, кои, пак, ќе бидат компатибилни со постојните системи на институцијата, како и со Националниот регистар за културно наследство.

– Тоа што е особено важно е што со овој проект ќе се креира ГИС-платформа за недвижно културно наследство во Охридскиот Регион и нејзино користење, наведуваат од Министерството.

Во проектот за градење капацитети ќе бидат вклучени и експерти од други национални институции за заштита на културното наследство од нашата држава, кои се директно вклучени во управување со светското наследство. Дополнително, во проектот, што ќе се реализира 18 месеци, предвидено е да бидат вклучени и експерти од Република Албанија.


Администратор
30/07/2021 04:00