На вонредна седница на бугарската влада денеска е донесена одлука за зголемување на пензиите во просек за 64 лева (32 евра) од 1 октомври, а нивниот просечен износ ќе достигне 550 лева (275 евра), јави дописникот на МИА од Софија.

Ова е предвидено со измените на Законот за буџет за социјално осигурување, одобрени од привремената влада на Бугарија.

Според проценките на даночните администрации, годишните приходи во државниот буџет на Бугарија ќе бидат повисоки од проценетите за околу 1,3 милијарди лева (750 милиони евра). За да се обезбедат тековните антикризни мерки и да се покрие недостигот на средства во некои буџетски области, проценките за 2021 година обезбедуваат ресурс од 1,2 милијарди лева (600 милиони евра), распределени во резервата за непредвидени и итни трошоци. Буџетскиот дефицит на Бугарија се очекува да биде 4,4 отсто од проектираниот БДП.

Поради продолжувањето на вонредната епидемиска состојбата и очекувањето нов бран на пандемија наесен, поврзан со брзото ширење на Делта сојот, се зголемуваат и средствата за здравствена заштита.

Измените во Законот за буџетот на Фондот за здравствено осигурување предвидуваат речиси 135 милиони лева (74,5 милиони евра) зголемување на приходите. Толку се зголемуваат и трошоците.

Според премиерот Стефан Јанев, ажурирањето на Буџетот е знак за одговорно однесување кон државните финансии, иако треба да го направи влада поддржана од Парламентот.


Администратор
29/07/2021 22:06