Женската кошаркарска репрезентација до 16 години во Крива Паланка ги одработува подготовките за настап на ФИБА „Челенџер“ во Тбилиси, Грузија.

Во рамки на подготовките македонските кадетки одиграа два контролни пријателски натпревари со соодветната репрезентација на Бугарија. Првиот се одигра синоќа во спортската сала „Бранители 2001“, вториот денес, а нашите кошаркарки забележаа половичен ефект, една победа и еден пораз.

– Девојчињата покажаа карактер и одиграа добар натпревар синоќа, знаејќи дека репрезентацијата на Бугарија е на многу високо ниво, како и воопшто во кошарката. Во еден период од натпреварот имавме и двоцифрена предност, сепак, победникот се решаваше во последните минути. Првиот дуел заврши со резултат 65:63, додека денес имавме сосема друга слика, бевме поразени од Бугарија со 74:55. Во секој случај, ова се контролни средби а до почетокот на првенството имаме уште десетина дена подготовки, во кои ќе ги доусовршуваме потребните тактички планови, изјави селекторот Никола Златев.

Европскиот ФИБА турнир во Тбилиси ќе се одржи од 9 до 14 август 2021 година, а избраничките на Златев се во група со домаќинот Грузија, Албанија, Ерменија и Малта.


Администратор
29/07/2021 22:01