На „Скопско лето“ вечер од 20.30 часот во Сули ан (Факултет за ликовни уметности) концерт ќе има Лаура Крлиу и нејзиниот бенд, насловен „Модерниот дух на староградската песна“. Ќе бидат изведени познати староградски албански песни во нови аранжмани, како и неколку авторски песни на вокалистката Крлиу.

– Оркестарот го сочинуваат музичари од повеќе етнички заедници, како и танчарска група, што ќе придонесат овој концерт да биде фузија од уметности и култури на кој публиката нема да остане рамнодушна, најави Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС), организатор на „Скопско лето“.

Со Крлиу ќе настапат Фјола Исмаили – придружен вокал, Кренар Исмаили – виолина, Славко Ѓоргиев – саксофон, Петар Лукиќ – пијано, гитаристите Неврус Бајрам, Иван Петровски и Дејан Митровиќ, Антоние Весковски – тапани и Ратко Даутовски – перкусии.

Четирисет и второто „Скопско лето“ ќе заврши утревечер со концерт од 21 часот во Куршумли ан, насловен „Вода“, на кој ќе настапат Давор Јордановски – клавијатури, Алек Секуловски – тапани, Огнен Георгиевски – електричен бас, Оливер Јосифовски – контрабас, Сања Шуплевска – виолина, Орце Зафировски – фагот, Александар Јовевски – кавал, тамбура.

– Познатиот пијанист, композитор и продуцент Давор Јордановски и неговата група „Вода“, го нурнуваат слушателот во древни звучни предели, обмислени со модерен вкус. Музиката на „Вода“ е вешто изработен спој на заводливи балкански мелодии со џез, фанк, класични и рок стилови, најави ДКУС.

Специјални гости на концертот со кој утревечер ќе заврши годинашниот летен скопски фестивал ќе бидат етногрупата „Љубојна“ и Васил Гарванлиев.


Администратор
29/07/2021 14:22