Општина Вевчани ја реконструираше детската градинка „Планински свет“ и го реновираше Дневниот центар за стари изнемоштени лица и пензионери, во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“ финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.

Проектот е спроведен од УНДП, во соработка со 24 општини. Според амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер која денеска го посети Вевчани, овие проекти се резултат на споделувањето на идеи и приоритети за локалниот развој од страна на граѓаните, преку Форумите во заедницата.

– Како и во Вевчани, често гледаме како граѓаните преку овие проекти ги приоретизираат потребите на оние граѓани на кои им е потребна дополнителна грижа и внимание, од децата и старите лица до лицата со попреченост. Дополнително, преку овие проекти помогнавме да се подобрат општинските услуги во областа на образованието, животната средина, културата, водоснабдувањето, комуналните услуги и урбанистичкото планирање, истакна Сибил Зутер.

Сашко Јанкоски, градоначалникот на Општина Вевчани, денеска рече дека од особено значење е што во рамки на овој проект се реализираа два приоритетни проекти предложени и избрани од самите граѓани на Вевчани, преку форумите во заедницата.

-Проектот „Адаптација и пренамена на простории во детската градинка ЈОУДДГ Планински Цвет“ кој вклучуваше замена на електричната инсталација, спуштање на плафоните, опремување на засебен и соодветен простор за индивидуална работа на логопед како и целосно уредување на надворешниот простор за игра на деца со поставување на нови реквизити за игра, рече Јанкоски.

Како што додаде, проектот „Реновирање на дневниот центар за стари лица и пензионери“ е од особено значење за највозрасните во нашата општина, бидејќи ова е единствен простор каде тие можат да го поминуваат своето слободно време и да се дружат.

Со вкупно 3,5 милиони франци, Швајцарската влада го поддржува зајакнувањето на општинските совети во 24 општини низ земјата како тела кои се клучни за развојот на партиципативната демократија и транспарентното и отчетно работење на општините.

Проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Зајакнување на општинските совети“ го спроведува Програмата за развој на обединетите нации (УНДП), во согласност со Програмата во земјата, меѓу кои е и зајакнувањето на локалниот развој и самоуправа.

Проектот се спроведува во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии, ЗЕЛС, Здружението на финансиски работници и Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women).


Администратор
24/07/2021 00:21