Се ближи шпицот на туристичката сезона. Луѓето веќе ги користат летните одмори. Повеќето заминуваат за Грција, Албанија, Црна Гора, Хрватска, но некои патуваат и подалеку, во Турција, Египет, Италија.

Според актуелните бројки, КОВИД-кризата полека стивнува, но не престануваат предупредувањата за ширењето на новиот делта сој.

Каков ќе биде годинашниот туристички биланс, што ако има нови затворања и карантини, успеавме ли да се позиционираме на мапата атрактивни дестинации, какви производи нудиме, колку ги следиме светските трендови?

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски очекува годинава да покаже малку поинакво лице и поголем оптимизам. Пандемијата, вели, ќе отвори нови граници, хоризонти и можности, но од нас зависи дали и како ќе ги искористиме.

Директоре, првата половина од годината полека изминува. Во ек е летната сеозна. Какви се засега бројките и кои се Вашите очекувања?

Ако остане вака состојбата, без да има затворања, очекувам 20 до 30 отсто повеќе странски туристи од лани, да го намалиме минусот, повторно да имаме солидно ниво на домашни туристи особено во јули и август, како и значително да ја подобриме состојбата во делот дека сме сигурна, безбедна дестинација. Можеме да стигнеме блиску до 300 милиони долари прилив од туримзот годинава.

Сметам дека капацитетите повторно, и оваа година, ќе бидат полни со домашни туристи, но и со гости од регионот: Србија, Црна Гора, Албанија, Косово. Ќе има мал дел и од Полска и Холандија. Очекуваме по 5.000 – 6.000 туристи од Холандија и од Полска што е јасен сигнал дека земјава повторно, и во турбулентната 2021 година, се наоѓа на светската туристичка мапа.

Еве, веќе на 19 јули пристигнуваат првите гости од Холандија. Ќе слетаат со чартер во Охрид. Во првиот авион ќе има околу 150 гости или капацитетот на првиот лет ќе биде исполнет 70 проценти.

Сепак, во овој момент не можеме да кажеме колку и дали ќе се остварат годинашните проекции, зашто гледаме каква е состојбата со новиот КОВИД делта сој и со преголемата загриженост околу неговото ширење. Ќе мора да се прилагодиме на ситуацијата што ја наметнува вирусот.

Дополнително, треба да се земе предвид и дека секоја држава си одлучува за своите туристи. И покрај новата линија Варшава – Охрид или рестартираната Варшава – Скопје, полската Влада донесе индивидуална одлука, незваисно од ЕУ, за сите нејзини граѓани кои ќе патуваат надвор, при враќањето во земјата да одат во 10-дневен карантин. Тоа е всушност причината за помалиот број гости кај нас од очекуваниот.

Ако треба да резимираме, тогаш би кажал дека годинава ја дочекавме неподготвени. И овојпат туризмот ќе го спасуваат домашните гости.

Агенцијата во октомври 2020 со Министерството за економија го почна процесот за добивање безбедносен стандард кој стартуваше во мај. Колку маркички „Safe travel“ се досега издадени?

Агенцијата ги создаде условите, но колку ќе одговори на тоа туристичкиот сектор, останува на него. Досега околу 200 капацитети аплицирале и ја добиле маркичката „Safe travel“ која гарантира дека се КОВИД-безбедни. Но, тоа не значи дека не се почитуваат протоколите за заштита во туризмот или дека ги нема, туку дека луѓето не аплицирале за да ја добијат маркичката.

Прашањето е, колку ние како туристи сме ги виделе тие налепници и ресторани? Сакам да нагласам дека, што повеќе угостителски објекти, тур-оператори, хотели и давачи на сместувачки услуги аплицираат и ги исполнуваат условите за безбедност, толку повеќе нашата дестинација во перцепцијата на странските туристи и оператори ќе биде побезбедна од КОВИД, но тоа мора да го направиме како домашна задача.

Подолго време заговарате креирање нова понуда, форсирање на руралниот, алтернативниот, еко и гастро туризмот. До каде сме и со што можеме да се пофалиме?

Сите дестинации кои работеле со рурален, авантуристчки, алтернативен туризам во 2020 година немале пад, туку дури оствариле и зголемување на ноќевањата пред се од домашни, но во мал дел и од странски туристи. Тоа е јасен показател на што треба да се фокусираме. Во светски рами интересот за овие форми на туризам забрзано расте со 20 до 50 отсто. Треба да ја следиме ваквата статистика. Тоа е трендот. Мораме да ја смениме матрицата, да работиме на малите туристички групи.

Дали ние вистински создадовме атракции и производи за пазарите кои ни беа и ни се достапни? Јас мислам, не доволно. Очекувањата на туристичкиот сектор се сведоа на државната помош. Многу ни е полесно да подигнете чартери за Египет и за Турција, отколку да донесете тука. Тоа што само три отсто од сите тур-оператори во државата работат инкам туризам ни се удри од глава.

Пандемијата, за жал, ја покажа суровата реалност, дека не сме изградиле одржлива дестинација, дека сме оделе на квантитет, а не на квалитет, дека на краток рок не можеме да понудиме форми на туризам кои ги бараат новите целни групи на туристи. Тоа е предизвик не само за секторот, туку и за сите релевантни институции. Не треба да си ја префрламе топката едени на други, ниту меѓусебно да се обвинуваме, туку да понудиме нешто и заеднички да градиме здрав туристички сектор.

Всушност, пандемијата и последиците од неа не треба да ни бидат изговор за она што ќе го понудиме годинава, па и понатаму.

Треба да продаваме пакети од три, пет и седум дена во дестинациите, а не кружни тури кои ќе ја претрчаат земјата и ќе остварат престој од 1,6 дена. Тоа за мене е поразително зашто значи евтини туристи кои не оставаат пансионски средства или можеби ние не знаеме да им ги земеме.

И повторно би кажал, очекувам создавање нови производи – нови дестинации, понуди во гастрономскиот туризам, авантуристичкиот туризам, ено-гастро концептот и културен туризам на малку пинаков начин – поголемо застапуавње на традицијата и занаетите, интерактивни работилници, споделување искуства. Имаме добра конекција со германскиот пазар, но немаме голем број германски туристи. Зошто? Затоа што немаме туристилки производи за тој пазар. Немаме авто-кампови, немаме сместување со еко ѕвезди, немаме понуда за фото сафари, за посматрање птици, флора, фауна, недостигаат и дегустации. Ако развиваме рурален туризам, не смее да се случи да немаме нови капацитети.

Туризмот е долга партија шах во која логиката на многу потези веднаш не се гледа. Тоа што Агенцијата го потегна во 2019 година, требаше да го жнееме во 2022-ра. Не само да даваме субвенции на одреден пазар, туку да овозможиме стимулирање на руралниот туризам, еко-туризмот и алтернативниот, авантуристички туризам

Колку имаме реновирани хотели, колку сме вложиле во човечки ресурси?

Мојата порака е, земјава да ја направиме многу поконкурентна од некои други дестинации кои нудат море, на пример. Велиме, да, не можеме да бидеме конкуренција на земји кои имаат море и никогаш така не треба да размислуваме или да се споредуваме со Хрватска, Грција, Египет, Турција, да не ги копираме во понудите, туку да создадеме наша, оригинална приказна. Да бидеме дестинација одржлива 12 месеци во годината.

Агенцијата годинава понуди нов модел на субвенционирање. За што конкретно се работи?

Да, понудивме нов модел на субвенционирање – на домашни тур-оператори кои прават домашни аранжмани. Ќе го разгледуваме со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Очекуваме да се стави пред Комитетот за туризам.

Реално, новиот модел би можел да биде функционален за три дена. Очекуваме вистински да му се помогне на туристичкиот сектор. Линеарната помош не создава нови вредности.

Во овој контекст би спомнал уште нешто. Објективно е во 2020 и 2021 да ги мериме ноќевањата. Нивниот број е зголемен зашто домашните туристи повеќе остануваат во определната дестинација. Ако продолжеше 2020 година како што тргна првоте два месеца, во пикот на сеозната не ќе можевме да ги опслужиме сите туристи. Ако во 2019 година 32 отсто од туристите биле домашни, а 68 проценти странски, притоа домашните оствариле 51 процент од ноќевањата, кој што спасувал? И какви биле тие странски туристи кои дошле и просечно останувале по два дена? Јасна е целта – само да земат субвенции тур-операторите.

Директоре Јаневски, се промени ли нешто во однос на работењето „на црно“ – непријавувањето домашни туристи за да не се плати данок?

Да ги погледнеме бројките. Ако во 2020 година, во јули, август и септември, нашите туристички центри беа преполни, како е можно Дојран да прикаже пад на ноќевања од 49 отсто во август 2020, а капацитеите му беа 100 проценти полни?

Голем број домашни туристи не беа регистрирани во домашните капацитети. Беа пријавувани луѓето кои беа на некој начин потпомогнати од државата, со ваучери, картички,… Останатите гости ни се губат.

Патриотизмот не е викање „у(р)а“, туку да си исчистиме во дворот, да не фрламе шубре, да си ја исфарбаме оградата, да го подигнеме тоа што рамнодушно го шуткаме, да плаќаме данок. Со нашето неплаќање данок и со работење „на црно“, ништо не правиме. Затоа и статистиката се покажа комплетно нерелевантна.

Често велите дека регионот е во фокусот на Агенцијата. Ќе успееме ли годинава да привлечеме повеќе туристи од соседството? И колку заедничките настапи, промоции или понудите „во пакет“ со други држави од Западен Балкан, како Србија и Црна Гора, можат да ја направат земјава попрепознатлива?

И покрај тоа што регионот е во фокусот на Агенцијата и од април 2021 го промовираме, мислам дека туристичкиот сектор не беше доволно подготвен за оваа промена. Ако гледаме статистички, во април највеќе туристи ни дошле од Србија и Турција. Во споредба со 2020-та, 2021-ва треба да покаже што, колку и дали научивме од овој аспект.

Во однос на заедничкиот настап, останува пристапот дека сме една туристичка дестинација со регионот. На последната посета во Србија се заложивме дека на саемските манифестации ќе се претставуваме со заеднички штанд. Сингапур 2019 година не претстави како порта на Блаканот – Северна Македонија, Црна Гра и Србија. Вкупно 580 кружни тури беа потпишани на тој саем за туристи од Сингапур, Индонезија, Малезија и Хонг Конг. Затоа првите два месеца од 2020 година имавме скок од 20 до 25 отсто во јануари у февруари, но потоа, поради КОВИД кризата турите престанаа. Сепак, оваа рута останува и важно е дека нема сезона, почнува во октовмри, завршува во март. Трае седум до 14 дена.

Годинава добивте намален буџет, но велите дека испорачувате многу повеќе од очекувањата. На што работи Агенцијата во моментов и доволни ли ќе бидат средствата за да се реализира зацртаното?

Прво, сакам да кажам дека од 2021 година очекувам да видиме кои ни се јаките, а кои слабите страни и како треба да се прилагодуваме. Очекувам национална стратегија, многу поголема соработка со сите чинители, уште повеќе доверба во Агенцијата и заеднички, а не индивидуален простап.

Очекувам секторот да ги даде своите предлози, да учествува во креирањето на Програмата на АППТ за 2022 година. Се обративме до сите комори и здруженија да даваат сугестии. Отворени сме за средби и состаноци.

Точно е дека буџетот ни е намален и тоа за десет пати. Вкупниот буџет на АППТ за 2021 година е 83.492.000 денари, од кои 61.000.000 се наменети за субвенции, со што останува оперативен буџет од 22.492.000 денари. Во 2019-та буџетот ни беше 162.132.000 денари, од кои 59.618.000 денари сза субвенции, а оперативни средства 102.514.000 денари. Во 2018-та, пак, имавме 162.374.000 денари од кои 76.000.000 за субвенции и оперативни 86.374.000 денари.

Сепак, Агенцијата продолжува да работи со уште позасилено темпо. Ќе понудиме конпцет за развој на руралниот туризам кој би подразбирал можност и поддршка на домапните тур-оператори, но и за давателите на услуги за сместување: реновирање капаицтети, обуки, категоризација.

Планираме за 2022 година да создадеме и поразлична програма во која ќе понудиме светски трендови во секоја смисла. Ќе се фокусираме на националните паркови, заштитените подрачја, 13 отсто од нашата земја се заштитено подрачје, тука се Езерани, Тиквеш, Локви,… Со кампањата „Дома си е дома“ воочивме дека нашите луѓе не знаат со што се располага нашата земја.

Во 2022 година очекувам да почнеме и со саемски манифестации, многу поразлични од оние во 2019-та.

Соработката во 2020 ја фокусираме на некои земји со кои досега воопшто не сме работеле и успеавме. На сите скептици кои велеа дека немаме зимска сезона, им покажавме дека имавме. Дојдоа скијачи од Украина, Молдавија, Белорусија. Во пандемија почнавме лет Киев – Скопје што значи дека во следните пет години можеме сериозно да размислуваме за тој пазар.

Мирјана Чакарова


Администратор
10/07/2021 07:57