Добитник на главната награда Актер на Европа 2021 на овогодишниот Интернационалниот театарски фестивал е познатиот актер Милан Кнашко од Словачка.

Наградата на актерот со богата филмска и театарска биографија, поранешен соработник на Вацлав Хавел, министер за култура и за надворешни работи на Словачка, ќе му биде доделена на фестивалот, кој традиционално се одржува од 6 до 11 јули, а оваа година ќе се има онлајн издание, поради ситуацијата со Ковид-19.

Во изминатите 18 години, откако се одржа првото издание на фестивалот, со престижната награда Актерот на Европа 2021 се закитија Љуба Тадиќ (Србија), Јон Карамиитру (Романија), Милена Зупанчич (Словенија), Ана Патресон (Шведска), Марсел Бозоне (Франција), Раде Шербеџија (Хрватска), Брус Мејерс (Велика Британија), Селма Алиспахиќ (БиХ), Марија До Сеу Гера (Португалија), Арт Доброши (Косово) итн.

– Овогодишното 19-то издание на Интернационална манифестација на бреговите на Преспанското езеро не доби поддршка од Министерството за култура, информираат од ИТФ Актер на годината.

Тие соопштуваат дека фестивалот свечено ќе биде отворен со стиховите од класиците на македонската, грчката и албанската поезија, а потоа ќе следуваат поздравните говори на лауератот Милан Кнашко, директно од Братислава, амбасадорот на Словачка во Македонија Хенрик Маркуш, градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски, почесниот претседател на фестивалот Бранислав Мичуновиќ-Жага, претседателот на интернационалното жири Мето Јовановски и ректорот на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима и претседател на фестивалот, Јордан Плевнеш.

Во официјалната конкуренција на онлајн изданието на фестивалот ќе бидат прикажани претстави од регионот и повеќе европски земји, меѓу кои: „Сонот за Хамлет“ во изведба на Ментор Зумберај од Косово, „Тобелија“ од Танцувачкиот театар од Љубљана, „Писмо од непознатата жена“ од Штефан Цвајг, во режија на Милан Маѓарев од Белград, „Дорунтина“ во адаптација и режија на Лаерти Васили од Тирана, а вон конкуренција, во чест на наградените ќе биде презентирана претставата „Грабнувањето на Елена“ од Лука Чедрола, во изведба на минатогодишната добитничка на наградата Актер на Европа, Виола Грациоза од Италија.

Претставите ќе можат да се гледаат на веб-страницата на фестивалот http://www.actorofeurope.net/ од 6 до 11 јули.


Администратор
01/07/2021 00:40