Овогодинешното 19-тото издание на Интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа 2021, ќе се одржи од 6 -11 јули.

Оваа година, добитник на главната награда, Актер на Европа 2021 е познатиот актер Милан Кнашко од Словачка, со богата филмска и театарска биографија, поранешен соработник на Вацлав Хавел, министер за култура и министер за надворешни работи на Словачка.

Фестивалот Актерот на Европа, кој традиционално се одржува од 6 до 11 јули, оваа година ќе се има онлајн издание, заради ситуацијата која настана со глобалната пандемија COVID-19.

Како што е познато, овој фестивал започна летото 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Препанското езеро за Меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија.

Со ова престижно признание, Милан Кнашко, своето име ќе се вгради во европската меморија на континентот, покрај имињата на досегашните добитници, како што се Љуба Тадиќ (Србија), Јон Карамиитру (Романија), Милена Зупанчич (Словенија), Ана Патресон (Шведска), Марсел Бозоне (Франција), Раде Шербеџија (Хрватска), Брус Мејерс (Велика Британија), Селма Алиспахиќ (БиХ), Марија До Сеу Гера (Португалија), Арт Доброши (Косово) итн.

Запрепастувачки е да се одбележи дека, и покрај тоа што во 19-годишното постоење оваа единствена интернационална манифестација на бреговите на Преспанското езеро, со околу 200 библиографски единици во најпознатите европски новински медиуми како „Фигаро“, „Монд“, „Гардијан“ итн., оваа година не доби поддршка од Министерството за култура.

Фестивалот свечено ќе биде отворен со стиховите од класиците на македонскта, грчката и албанската поезија, а потоа ќе следуваат поздравните говори на лауератот Милан Кнашко, директно од Братислава, амбасадорот на Словачка во Македонија Хенрик Маркуш, Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски, Почесниот претседател на фестивалот Бранислав Мичуновиќ-Жага, Претседателот на интернационалното жири Мето Јовановски и Ректотот на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима и Претседател на фестивалот, Јордан Плевнеш.

Во официјалната конкуренција на онлајн изданието на фестивалот ќе бидат прикажани престави од регионот и повеќе европски земји, меѓу кои: „Сонот за Хамлет“ во изведба на Ментор Зумберај од Косово, „Тобелија“ од Танцувачкиот театар од Љубљана, „Писмо од непознатата жена“ од Штефан Цвајг, во режија на Милан Маѓарев од Белград, „Дорунтина“ во адаптација и режија на Лаерти Васили од Тирана, а вон конкуренција, во чест на наградените ќе биде презентирана претставата „Грабнувањето на Елена“ од Лука Чедрола, во изведба на минатогодишната добитничка на наградата Актер на Европа, Виола Грациоза од Италија.

Претставите ќе можат да се гледаат на веб страната на фестивалот http://www.actorofeurope.net/ од 6 до 11 јули.