Падот на туризмот во целиот свет поради пандемијата со Ковид-19 може да доведе до загуби од над 4.000 милијарди американски долари во светскиот БДП за 2020 и 2021 година, покажува извештајот на Конференцијата на ОН за Трговија и развој (УНКТАД).

„На глобално ниво, ударот што Ковид-19 му го зададе на меѓународниот туризам само во 2020 и 2021 година носи загуба на БДП-то од над 4.000 милијарди долари,“ се наведува во извештајот доставен заедно со Светската организација на ОН за туризам (УНВТО).

Меѓународниот туризам и секторите што зависат од него во 2020 година претрпеа загуби од околу 2.400 американски долари, како резултат на директните и индиректни влијанија врз големиот пад на доаѓањата на меѓународните туристи.

Слична загуба може да се забележи и годинава, се предупредува во извештајот, наведувајќи дека обновувањето на туризмот во голема мера ќе зависи од масовната дистрибуција на вакцините против Ковид-19 ширум светот.

-На светот му треба глобален напор за вакцинација што ќе ги заштити работниците, ќе ги ублажи социјалните штети и ќе донесе стратешки одлуки за туризмот со оглед на потенцијалните структурни промени, изјави в.д. генералниот секретар на УНКТАД, Изабел Диран.

Стапката на вакцинација е нееднаква, така што во некои земји вакцинирано е помалку од еден процент од населението, а во други повеќе од 60 проценти, додека извештајот, исто така, наведува дека загубите во туризмот се поголеми во земјите во развој.

УНКТАД презентира и три сценарија за 2021 година, повеќе или помалку песимистички. Најоптимистичкото сценарио покажува просечно намалување за 63 отсто на доаѓањата на туристите.

Експертите не очекуваат дека секторот пред 2023 година или можеби и подоцна ќе може да се врати на вообичаеното ниво, а главните пречки се ограничувањата на патувањата, бавното искоренување на коронавирусот, малата доверба на патниците и неповолното економско опкружување.

Во 2020 година за 74 отсто е опаднат бројот на пристигнувања на туристите во споредба со 2019 година, а почетокот на 2021 година беше уште полош за повеќето дестинации со просечен пад од 88 проценти во споредба со периодот пред пандемијата.

Најтешко погодени се североисточна Азија, југоисточна Азија, Океанија, Северна Африка и Јужна Азија. Најмалку погодени се Северна Америка, Западна Европа и Карибите.

-Меѓународниот туризам денес изгледа како туризмот од пред 30 години. Како да сме во 80-тите години на минатиот век кога станува збор за протокот на туристи, вели Зорица Урошевиќ од Агенцијата за туризам на ОН.


Администратор
30/06/2021 14:14