Трансатлантското партнерство останува камен-темелник на нашата колективна безбедност. Денеска ќе ги утврдиме насоките за улогата на Алијансата во актуелните закани и безбедносни предизвици, но покрај горливите проблеми, ќе бидат дефинирани и насоките за справување со новите современи предизвици како што се хибридните предизвиците. Ова го изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи пред почетокот на Самитот на НАТО што се одржува во Брисел.

Како што соопшти МНР, Османи додаде дека ќе се постават основи за продлабочена соработка на сојузниците во зајакнувањето на отпорноста, одржување на предноста во технолошкиот развој и поблиска соработка со партнерите.

Османи зборуваше и за очекувањата за главната тема, иницијативата „НАТО 2030”, чија цел е подготовка на Алијансата за следната декада.

–Денес е навистина важен, ден не само за нас туку и за целата Алијанса. После напорни консултации и неколку подготвителни министерски состаноци на кои лично присуствував, денес во седиштето на Алијансата во Брисел, се одржува Самитот на НАТО на кој ќе се заокружат главните насоки за иницијативата НАТО 2030 година. На масата денес е амбициозна трансатлантска агенда која треба да обезбеди поголема улога на алијансата во креирањето на долгорочната безбедност, но и поголема синергија, поголема интеграција на самите земји – членки кога се работи за заедничката безбедност, истакна Османи.

Во својата изјава, Османи го истакна значењето што Алијансата го придава на борбата против хибридните закани и преземените натамошни активности за справување со овие современи предизвици, а изрази и поддршка за трансатлантското партнерство како камен-темелник на нашата колективна безбедност .

Во изјавата, Османи се осврнува и на нашата определба како земја кандидат за членство во ЕУ, како и потребата за зголемена стратешката соработка меѓу НАТО и ЕУ.

–Заокружувањето на Европската Унија со интеграција на Западниот Балкан претставува геостратешка инвестиција за целиот континент. Нашиот придонес во ова партнерство е јасен – и на овој самит ние ќе ја потврдиме нашата определба – ние сме НАТО, заклучи Османи.


Администратор
14/06/2021 13:27