Во Камерната сала во Филхармонијата вечер од 20 часот ќе се одржи осмото издание на фестивалот „Виолин-фест“ кој им овозможува настап на млади домашни и странски виолинисти.

Оваа година на фестивалот ќе учествуваат ученици од музичките училишта во Србија, добитници на награди на меѓународниот натпревар „Охридски бисер“ што се одржа минатата година.

Ќе настапат Алекса Аќимомовиќ, четврто одделение во музичкото училиште во Ниш, Јована Удовиќ, четврта година на Школата за музички таленти во Ќуприја, Симеон Гошев, трета година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“-Скопје, Софија Додиг, втора година во училиштето „Јосип Славенски“ во Белград и Анѓела Јосифовски, втора година во „Коста Манојловиќ“ во Земун.

Младите виолинисти ќе настапат во придружба на пијанистката Марија Вршкова. На програмата се дела од Елгар, Крајслер, Бах, Паганини, Виењавски, Шуплевски, Шпато…

– На младите виолинисти им е потребно најголемо јавно експонирање и затоа е, всушност, и создаден овој фестивал. Тој е еден вид неконвенционален музички подиум кој им дава можност на учениците да настапат надвор од своите обврски кон наставната програма, да го покажат својот талент изведувајќи ги најпознатите дела за виолина, без притисокот од оценување и бодување. Најголема награда за нив е аплаузот, вели виолинистот Владимир Костов, организатор на фестивалот.

На вечерашниот концерт ќе бидат одбележани и 90 години од раѓањето на композиторот и диригент Драган Ѓаконовски-Шпато и 20 години од смртта на композиторот Драган Шуплевски. Во рамки на фестивалот ќе има и предавање и миниконцерт во СОС Детско село.


Администратор
14/06/2021 10:54