Лидерот на партијата Непокорна Франција, Жан-Лук Меленшон денеска беше посипан со брашно на демонстрациите „против крајно десничарски идеи“, по што тој го осуди зголемувањето на физичкото насилство врз политичката класа, јави дописникот на МИА.

Меленшон за време на „Маршот за слободи“, организиран против екстремната десница во Париз, што се одржуваше и низ другите градови во Франција, беше посипан со брашно во моментот кога одговараше на прашања од новинарите. Сцената од овај напад беше пренесена на Твитер.

Додека го тресеше брашното и си го бришеше лицето, политичарот реагираше на нападот пред телевизиските камери.

-Ова треба да запре, изјави тој вознемирен, забележувајќи го зголемувањето на насилството и правејќи ја паралелата со шамарот што Емануел Макрон го доби неделава во Таин (Дром).

„Постои голема тензија. Не знам кој беше мотивот да ме посипат со брашно“, коментира Меленшон.

На прашање од РТ Франција, човекот кој Меленшон го посипа со брашно, својот потег го го објасни како личен протест:

–Макрон со целата политичка каста е корумпиран. Овие луѓе се лажни универзалисти, рече тој.

Напаѓачот од самите демонстранти беше опишан како фашист и екстремист, на што тој одговори дека всушност е левичар, а дека луѓето кои се напаѓани се вистински фашисти.

Кандидатот за Републиката во марш на регионалните избори, Франсоа де Ружи, вчера, исто така, беше посипан со брашно, додека учествуваше во предизборна кампања.


Администратор
13/06/2021 02:10