Македонски уметници ќе имаат своја изложба денеска во бугарскиот град Созопол. Во Градската галерија во Созопол, по отворањето на Фестивалот на франкофонијата, на кој учествува и Културно-информативниот центар на Македонија, изложбата ќе биде претставена во присуство на дел од авторите и гостите.

Како што јави дописникот на МИА во Софија, делата на 12 автори се изработени во различни техники – сликање, графика, цртање, фотографија, а исто така се застапени и светлечки инсталации и видеоарт.

Концепцијата на кустосот на изложбата Иво Пецов е да ги претстави погледите и предизвиците на уметниците во периодот од почетокот на пандемијата на Ковид-19 досега.

Во изложбата се вклучени неколку автори, меѓу кои, Иво Пецов, Маријан Џингаров – Џин од Струмица, Маријана Иванова од Виница и Перица Георгиев – Пепси од Скопје, кои живеат и работат во Бугарија.

Македонскиот уметник од Битола Димитар Христов ги испрати своите дела од Берлин. Атанас Ботев од Скопје учествуваше и на изложбата од проектот „Поврзување“ во 2019, а сега заедно со Ана Лазаревска и Хари Дудески од Скопје зема учество и во овој проект.

На изложбата ќе бидат претставени дела и на уметникот и поет Роман Кисов од Софија, кој и претходно имал соработка со македонски автори, најмногу на полето на поезијата.

Уметниците и професори во Националната уметничка академија, Свилен Стефанов, Росен Тошев и Георги Јанков од Софија, исто така се вклучија со свои творби на оваа изложба.


Администратор
05/06/2021 10:32