Во касарната „Боро Менков“ во Куманово со воена свеченост, денеска врз основа на указите на претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, се извршија поставувања на командните позиции на Командата за операции (КО) и Првата пешадиска бригада (1.пбр) и примопредавање на командантските должности во овие две команди.

Како што соопштија денеска од Канцеларија за односи со јавност на Генералштабот, согласно Правилото за воен протокол по предавањето на военото знаме е извршено примопредавање на должноста командант на КО, помеѓу генерал-мајор Павле Арсоски и бригаден генерал Бесник Емини.

Бригадниот генерал Емини досега ја извршуваше должноста командант на 1.пбр, а отсега ќе раководи со најголемата оперативна команда во Армијата на Република Македонија, додека генерал-мајор Павле Арсоски беше на оваа должност од мај 2018 година, а во понатамошниот период ќе ја извршува должноста советник на началникот на Генералштабот на Армијата за борбена готовност и операции.

Инаку, генералот Павле Арсовски е меѓу ретките генерали а и припадници на АРМ кој не го користи новото име на Република Македонија. Пред некој ден пак, Артан Груби на социјалните мрежи се пофали дека за прв пат во историјата албанец станал генерал во Армијата на Република Македонија објавувајќи слика од бригадниот генерал Бесник Емини.

На свеченоста пред стројот на припадниците на потчинетите единици со пригодни говори се обратиле началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, досегашниот и новопоставениот командант на КО.

– Генералот Ѓурчиновски, во своето обраќање на генералот Арсоски му оддаде признание за дадениот придонес и покажаното лидерство, посветеност и професионалност кои ги има вложено во оваа команда и му порача своето знаење и искуство да ги вгради на новата позиција, стои во соопштението.

Честитајќи му ја новата должност на генералот Емини му посакал успешно командување со командата во која и претходно извршуваше должност началник на штаб, притоа очекувајќи да продолжи по исцртаната патека, постигнувајќи успеси со кои ќе се гордее Армијата. Генералот Ѓурчиновски на припадниците на оваа команда им изразил благодарност за ангажирањето во изминатиот период во справување со пандемијата, миграциската криза и трансформациските процеси.

Генералот Арсоски во обраќањето истакнал дека КО и потчинетите команди и единици се исклучително компактен, ефективен и ефикасен орган каде се воспоставени високи стандарди на работа.

– Притоа искажувајќи дека во овој период сите предизвици беа надминати и беа реализирани сите задачи, осврнувајќи се на успешно изведените вежби и динамичната обука. На припадниците на КО им порача да ја дадат поддршката на новопоставениот командант и да продолжат по патот на успехот, се наведува во соопштението од Канцеларија за односи со јавност на Генералштабот.

Новопоставениот командант Емини во своето обраќање истакнал дека обврските и задачите ќе му бидат императив во извршување на оваа должност во периодот кој следува, период кој ќе биде исполнет со завршување на процесот на трансформација и градење на способности. Со посветеност и доследност во извршување на задачите, посочил, ќе се достигне остварување на зацртаните цели и посакуваното ниво на подготвеност.

Бригадниот генерал Бесник Емини во текот на воената кариера извршувал повеќе командантски и штабни должности, меѓу кои и командант на Ренџерскиот баталјон, како и началник на штаб во КО, а претходната должност, командант на 1.пбр ја извршуваше од 2019 година.

Согласно Указите, претходно, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец на ист начин се изврши примопредавање на должноста, командант на 1.пбр, помеѓу бригаден генерал Бесник Емини и полковник Сашко Лавчиски, кој доаѓа од местото началник на одделението за специјални операции во Генералштабот на Армијата, а претходно има извршувано штабни должности во Полкот за специјални операции, а беше и командант на Баталјонот за специјални операции.

На денешните воени свечености покрај началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски присуствуваа и заменикот на министерот за одбрана, Башким Хасани, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, генералите во Армијата, претставници од кабинетот на Претседателот, од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, поранешни команданти и команданти на потчинетите единици.

Командата за операции, подвлекуваат во соопштението, е најголема команда на оперативно рамниште чија мисија е подготвка на конвенционалните копнени и воздухопловни сили на Армијата за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независноста на државата. Со декларираните сили учествува во операции за поддршка на мирот со што придонесува во заштита на пошироките интереси на Република Македонија.

Првата пешадиска бригада е најголема единица во Армијата, која е препознатлива по досегашните стекнати искуства во мировните операции, големиот број на вежбовни активности, високите резултати од НАТО оценувањата на единиците од нејзиниот состав, справувањето со предизвиците од миграциската криза и асистенција на институциите во справување со пандемијата предизвикана од „Ковид 19“.


Администратор
04/06/2021 18:10