Финалниот натпревар од фудбалскиот куп на Италија меѓу Јувентус и Аталанта, закажан за 19 мај, ќе биде најпосетениот натпревар во Италија од март минатата година кога пандемијата на коронавирус почна да зема замав од големи размери.

Финалето ќе се игра на „Мапеи“ стадионот во Реџо Емилија на кој своите натпревари ги игра екипата на Сасуоло. За финалниот натпревар ќе биде дозволен влез на вкупно 4.300 гледачи, што претставува 20 отсто од капацитетот на стадионот со 21.584 седишта.

На северната трибина ќе бидат сместени навивачите на Аталанта, а на јужната симпатизерите на Јувентус, јавија италијанските медиуми.

Билети ќе можат да купат навивачи кои примиле две дози од вакцината против Ковид-19, оние кои го прележале коронавирусот во последните шест месеци, како и оние кои ќе имаат негативен тест на вирусот не постар од 48 часови пред почетокот на финалето.


Администратор
15/05/2021 00:31