Општина Куманово планира да го реконструира стариот градски парк во близина на автобуската станица, информираше денеска градоначалник Максим Димитриевски. Општината аплицирала со проект преку центарот за развој на североисточниот плански регион.
– Инаку, општина Куманово во рамките на своите програмски активности во соработка со североисточниот плански регион веќе аплицираше со проект за целосна реконструкција на градскиот парк, верувам дека овој проект ќе биде реализиран во иднина и веќе до крајот на годината ние ќе го имаме реконструиран градскиот парк, изјави Димитриевски.
Денеска акција за чистење организираа членовите на здружението на пензионери Куманово кое е едно од најбројните во државата и кое работи согласно усвоена годишна програма. Димитриевски и пензионерите апелираа граѓаните совесно да се однесуваат кон животната средина и повикаа да не се уништува урбаната опрема.
– Денеска со наша идеја, а со учество активот на пензионерки, учествуваме во еколошка акција за уредување на градскиот парк, да собереме некое шише, хартија, но ние не можеме толку да расчистиме колку што можат граѓаните да загадат. Апелираме граѓаните да водат сметка за кои било излетнички места, да ги одржуваме, без разлика дали е Спомен костурница, Менкова колиба, градскиот парк, бидејќи животната средина мора да биде чиста зашто таа е дел и од нашиот живот- изјави претседателот на ЗП „Куманово“, Благе Јакимовски.
Во акцијата за расчистување се вклучија и членови на здружението „Кумановски акцијаши“ како и екипи на ЈП „Чистота и Зеленило“.