Јавноста треба да ја знае реалноста, многу лесно да излегуваме со флоскули во кои ќе велиме дека имаме политичка поддршка, но другите држави одат и добиваат поддршка во пракса, ние не, изјави за Топ Тема на Телма, Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој истакна дека проблемот е што Заев не ја заврши ни домашната задача, а на маса ги стави да преговара за јазик, Гоце Делчев, дали во Струмица и Петрич се разговара ист јазик и Куманово дали било ослободено или администрирано од бугарската војска во втората светска војна.

- Не очекувам дека ни во јуни, ни додека е Заев на власт, Македонија ќе отпочне преговори со Европската Унија заради надворешни фактори, но и заради внатрешни фактори. Бугарија успеа да ја позиционира Европската Унија на тој начин да биде „или прифатете се што бара Бугарија, или нема преговори“ и тоа е проблем затоа што истиот го немавме пред 2017 година. Заев тврдеше дека само да ги потпишеме договорите и нема проблем, а сега договорите се камен во чевелот на македонските граѓани на патот кон ЕУ, рече Андоновски.

Тој истакна дека во македонското Собрание СДСМ не прифати да имаме национален став по клучните прашања за идентитет и јазик, додека во Бугарија таква декларација беше донесена со огромно мнозинство и затоа не очекувам дека оваа техничка влада во Бугарија ќе оти спроти таа национална платформа.

Андоновски додаде дека со вакви реформи каде се шетаат со Луј Витон ташни од еден кабинет на премиер до кабинет на министер, нема мотивација кај било кој во ЕУ да не прими и да ја притисне Бугарија да се повлече за Македонија да биде дел од ЕУ, а воедно проблем е што има три фигури како вицепремиер за европски прашања, министер за надворешни и претседател на државата кои имаат различни ставови.

- Од една страна е вицепремиерот Димитров, од друга страна министерот за надворешни работи Османи и таа фрикција помеѓу нив двајца создава проблем бидејќи има неизедначена политика. Тоа го кажа и самиот Димитров кој кажа дека немал поддршка од МНР. Имаме и неусогласени ставови. Плус изјавите на претседателот кој викаше дека се срами од некои политики. Сето тоа кога имате три фигури и создава проблеми во кревката мрежа.


Администратор
12/05/2021 00:37