Советот за општи работи на Европската унија се согласи за примена на ревидираната методологија за проширување во процесот на пристапните преговори со Црна Гора и Србија, сопштено е на крајот на состанокот на ова тело, на кое учествуваат министрите на ЕУ одговорни за европски работи, откако двете земји се согласија, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што се наведува во соопштението на Советот, новата методологија ќе се примени во постојната рамка на преговори со Црна Гора, а со Србија на следната меѓувладина конференција.

– Кредибилната перспектива на пристапот е клучен двигател на трансформација во регионот и искористување на можноста за заедничка безбедност и просперитет. Тоа е клучно за промовирање на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на основните права, изјави Ана Паула Закаријас, државен секретар на Португалија за европски прашања.

Во соопштението се посочува дека новата методологија се фокусира на следниве елементи во Србија и Црна Гора – суштински реформи, посилен механизам за политичко управување, подинамично темпо на преговори и поголема предвидливост на самиот процес.

Елементи од ревидираната методологија за проширување ќе и бидат презентирани на Србија на следниот состанок на Меѓувладината конференција за пристапување на министерско ниво, што треба да се одржи во јуни.

Одржувањето и унапредувањето на оваа политика е од суштинско значење за кредибилитетот на ЕУ, за успехот на ЕУ и за влијанието на ЕУ во регионот и пошироко, додаде Закаријас.

По министерскиот состанок, повторена е пораката за „недвосмислена поддршка за европската перспектива за Западен Балкан“ .

Оваа цврста перспектива, порачаа министрите на ЕУ, „се заснова на заслуги и е во согласност со политичките, безбедносните и економските интереси на Унијата“.

Србија и Црна Гора претходно изразија подготвеност да бидат вклучени во новата методологија на Европската комисија креирана за секоја земја што ќе ги отвори пристапните преговори со ЕУ.


Администратор
11/05/2021 23:35