Членови на неформалната група „Вредит да си од Кичево“ подготвија проект за спасување на муралите на повеќе згради во центарот на Кичево, кои исчезнуваат со текот на времето, Тие се насликани пред 40-45 години, во времето кога во овој град се одржуваше културната манифестација „Курирче“.

Според иницијаторот Горан Нестороски, проектот е подготвен, но нема да се реализира според првичниот план, поради разидувања во групата, но неговата идеја е поддржана од уметницата од Скопје Елена Панзова која потекнува од Кичево.

Целта е да бидат спасени ѕидните цртежи од целосно пропаѓање и, како што вели Нестороски, за да не се избрише споменот на едно убаво време.

-За да спречиме целосно исчезнување на муралите од зградите во средиштето на Кичево и бришење на сеќавањето на една прекрасна манифестација за деца, подготвивме проект со кој требаше повеќето ѕидни цртежи да се ревитализираат и конзервираат за да го зачуваат споменот од тоа време. Но поради разидување кај поедини членови на групата, не дојде до реализација на овој проект и неповратно пропадна можноста за спас на ѕидните цртеж, изјави Нестороски.

Откако веста за идејата за возобновување на муралите во Кичево допреа до јавноста, со поддршка се понуди уметницата Панзова. Таа е од Скопје, а има кичевски корени и работи фрескоживопис. Изрази желба муралите бесплатно да ги обнови и единствено побара да се обезбедат скеле, бои и четки.

Уметницата Панзова рече дека овие ѕидни цртежи со задоволство ќе ги конзервира, бидејќи ја потсетуваат на времето кога во нејзиниот град се одржуваше оваа единствена манифестација за деца, која денес остана само во спомените.


Администратор
09/05/2021 15:47