Министерот за здравство Венко Филипче очекува дека со сите вакцини што треба да пристигнат во земјава, до крајот на летото ќе се постигне колективен имунитет. Во неделното интервју на Радио Слободна Европа вели дека сите вакцини се безбедни и нема потреба граѓаните да преферираат една наспроти друга вакцина.

-Сега, со пристигнувањето на оваа значајно голема количина вакцини, а очекуваме уште стотина илјади на 15 мај, повторно од производителот „Синофарм“ и количината од 500 илјади вакцини од производителот „Синовак“ до крајот на мај, значи една значајно голема количина, која ќе се дистрибуира по овие два канала што ги спомнав, решивме да се стави приоритет на тие што се пријавиле и затоа се направи пресек на 30 април – сите граѓани коишто се пријавени на сајтот vakcinacija.mk, а тоа се невакцинирани близу 160 илјади, во период од две недели, значи некаде до 15 мај, ќе добијат термин за вакцинација преку СМС-порака или мејл, со точно време и пункт каде треба да се јават, рече Филипче.

Посочи дека се става приоритет на тие кои покажале интерес за вакцинација и затоа апелира граѓаните да се пријават на сајтот и да ги има во системот „Мој термин“ за да може понатаму да се креираат тие приоритети.

Нема никаков сомнеж во ефикасноста на ниту една вакцина, нагласи Филипче, и додаде дека Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови сега ги евалуираат и сите други вакцини од други производители кои засега од нив не се одобрени, а тоа, рече, ни укажува дека сите вакцини се ефикасни.

– Нема земја, освен некои ретки кои се производители на вакцини, каде што ексклузивно се користи само еден тип на вакцина од еден производител, тоа е навистина голема реткост и затоа и во нашите разговори со еврокомесарот Оливер Вархеји ни беше укажано дека за патување во ЕУ како еден од условите, кога станува збор за вакцината, ќе бидат прифатени сертификатите за вакцинација со вакцини одобрени и од ЕМА и од СЗО, а сега е постапката за буквално сите вакцини, додаде Филипче во интервјуто за РСЕ.

Во однос на обвинувањата од опозицијата дека за вакцините „Синофарм“ е платена доста повисока цена, тој одговара дека во тоа време таа цена била дури и пониска од онаа по која околните земји, како Србија, ја плаќале за кинеските вакцини.

– Опозицијата сама себе се фати во лага. Прво обвинуваше дека се платени над 12 милиони евра на некоја непостоечка компанија, па сега сфатија дека треба да не слушаат и дека ние работиме јавно, отворено, транспарентно, па извадија документ од системот „Јавни финансии“, на којшто сè е јавно објавено. Значи, самите себе си си се демантираа дека ние сме платиле огромна сума на пари на некоја компанија за која никој во државава не знае, ниту пак сме имале контакт. Жалам што имаат таков став, што ги поткопуваат сите наши обиди да ја менаџираме кризата, што се обидуваат да фрлат дамка на каков било процес, рече министерот за здравство.


Администратор
09/05/2021 13:36