Во Делчево денеска на пригодна свеченост се одбележани 76 години од победата над фашизмот и 71 година од Денот на Европа. Во рамки на одбележувањето, пред споменикот на паднатите борци се поклонија и свежо цвеќе положија, делегација од Општина Делчево, делегација од Советот на Општина Делчево, претставници од институции, политички партии и здруженија на граѓани.
По тој повод, членовите на КУД „Гоце Делчев“ одржаа пригодна програма и реферат за значењето на НОБ и победата над фашизмот, како и за Денот на Европа, кој е симбол на заедништво и создавање на Европа.
– Датумот 9 мај е поврзан со два клучни настани во светската историја. Во 1950 година на овој ден, Роберт Шуман го презентирал предлогот за создавање организирана Европа, како опција за одржување на мирот на разурнатиот и поделениот континент. Предлогот, попознат како „Шуманова декларација“, се смета за почеток на формирањето на она што денеска го знаеме како Европска Унија, истакнаа во пригодниот говор членови на КУД ,,Гоце Делчев” по повод значајниот датум.
Во Втората светска војна во која учествувале 61 земја, со вкупно 2,1 милјарда жители или 96 отсто од светското население и која однесе повеќе од 50 милиони животи, Пијанец во борбата против фашизмот дало стотина жртви. Во нивна чест во центарот на Делчево е подигнат монументален споменик на кој се испишани нивните имиња, како и пораката „Сонцељубиви, зар без вас ќе бевме она што сме, не смрт без слобода, не без Македонија“. в.с/цр