Деветти Мај – Светскиот ден на птиците преселници годинава се одбележува под мотото „Пеј, летај, извиши се како птица“.

Светската кампања е фокусирана на два феномени, песната на птиците и летот на птиците, како и со традиционална порака за грижа за птиците.

Во Нова Битола, жители од улицата „Ужичка Република“ водат посебна грижа за птиците преселници, а од неодамна во дрворедот поставена е куќичка за птици, која како што велат често е дом за разни птици.

-Сакаме нашето маало, нашата улица да биде најчиста и најубава на светот и векот. Тоа го напишавме на информативна табла на која се поставени фотографии од бреза и смрча, видливи за читање се и неколку кинески и старогрчки поговорки, а и песната „Бреза“ на Сергеј Есенин. Ние жителите од маалото водиме посебна грижа и со љубов ја чуваме куќичката за птици на која често птиците пејат, а по некогаш и се засолнуваат, ни рекоа битолчани од тој дел на градот.

Паралелно со глобалната посветеност на птиците и природата, научниците низ светот го проучуваат влијанието на пандемијата врз птиците од аспект на „антропаузата“ или глобалното намалување на активностите на човекот предизвикани од пандемијата.

-Светскиот ден на птиците е важен момент да размислиме за личниот однос кон окружувањето и да направиме нешто повеќе за заштита на птиците и природата во постпандемиски свет, ни рекоа нашите соговорници вљубеници во птиците, посочувајќи на отворена покана за престој во тамошниот парк со обврска за почитување на редот на јавниот простор во тоа маало.

Светскиот ден на птиците преселници се одбележува од 2006 година со организирање на разни манифестации, поставување заштитни куќички за птици на јавен простор, уредување на гнезда за птици, фестивали на птици, квизови, едукативни програми, проекции на филмови и медиумски прилози.