Над 150 граѓани меѓу кои претставници на Граѓански здруженија, училишта, вработени во општинската администрација, волонтери на Црвен крст, ЈКП ,,Дервен“ и граѓани денеска се вклучија во акцијата ,,Генералка викенд“. Тие го исчистија од отпад шумскиот појас кон село Сопот и стариот пат кон Скопје и собраа 20 кубни метри отпад. Еко акцијата се реализираше во рамки на големата еколошка акција ,,Викенд генералка“ во организација на компанијата ,,Мен енд маунтен“, а со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање и „Пакомак“. Делегацијата на ЕУ годинава се вклучи во ,,Генералка викенд“ со нивната иницијатива „За чисто како дома исто“.
Во акцијата се вклучи и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, кој искажа задоволство затоа во акцијата за почиста животна средина се вклучија голем број на граѓани и активисти.
- Тоа уште еднаш потврдува колку велешани имаат силна еколошка свест и совест. Мислам дека ќе постигнеме голем резултат и ќе упатиме добра порака. Сакам да им се заблагодарам на сите учесници за поддршката на оваа акција како и на Европската унија, на Пакомак и на сите други компании кои што дадоа свои донации за реализација на оваа акција, порача Коцевски.
Акција за собирање на отпад се спроведе и на островот на река Вардар кај Градскиот парк во Велес. На оваа акција учествуваа претставници на ЗБВП ,,Македонски спасител“, ЕГ ,,Вила Зора“ и ЈКП ,,Дервен“ и собраа околу триесетина вреќи отпад.
Во акцијата за поубав и почист Велес, изминативе денови учествуваа и ученици од основните училишта и децата од градинката „Димче Мирчев“.