Гете-институт Скопје и Остен – Светската галерија на карикатури Скопје го почнаа проектот за дигитална карикатура „ЕУ – работа во тек…“

Проектот ќе опфати: два конкурса (отворени повици) за дигитални карикатури на тема „ЕУ“ (еден за млади карикатуристи 18-35 години / еден за етаблирани карикатуристи над 35 години), онлајн-дискусија на тема „ЕУ“ и симултано „цртање во живо“ со победниците на конкурсот за етаблирани карикатуристи, тридневна креативна работилница за процесот и техниките на креирање карикатури, која ќе ја држи првонаградениот карикатурист на конкурсот за етаблирани карикатуристи, како и две онлајн-изложби (една за млади / една за етаблирани карикатуристи) и една заедничка изложба на карикатури во Галеријата „Остен“ во Скопје, која ќе биде и завршен настан на проектот.

Галеријата „Остен“ соопшти дека вчера е отворен Повик #1 (за млади карикатуристи).

– Основна цел на проектот е да се почувствува пулсот за тоа како „будното око на општеството“ – карикатуристите, ја перципираат ЕУ и преку карикатурите да се пренесат пораки за европските вредности – заедништво, солидарност и заедничка иднина, информира „Остен“.


Администратор
08/05/2021 15:38